Со проекција на филмот „Анонимни емотивци“ на режисерот Жан-Пјер Америс, синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“, започна 4-то издание на Фестивалот на францускиот филм во Охрид.


– Четвртото по ред издание на оваа престижна филмска манифестација има да понуди свежи и несекојдневни филмски остварувања, кои ќе значат едно освежување на македонската филмска сцена и ќе бидат на огромно задоволство на вљубениците во филмската уметност, истакна државниот секретар за култура Дарко Стефановски, кој го прогласи Фестивалот за отворен.


На проекцијата на филмот  „Анонимни емотивци“ присуствуваше режисерот Жан-Пјер Америс , кој рече дека првпат е тука во Охрид и е мошне среќен што може лично да и го претстави своето последно филмско остварување на македонската публика.

–  Филмот е комедија, очекувам да ја насмее публиката. Инспирацијата за филмот ми беа луѓето кои немаат доверба во себе. Дел од сценариото има автобиографски елементи, така што се надевам дека филмот ќе им помогне на оние што ќе го изгледаат да ја повратат изгубената самодоверба, изјави режисерот Америс.


Годинава на црвениот тепих пред Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид ќе продефилираат познати имиња на француската кинематографија.

–  Нашиот фестивал е можеби единствен не само во Македонија, туку и пошироко на Балканот каде публиката секоја од фестивалските вечери ќе има можност да се сретне со некој од главните актери, режисери или сценаристи на филмовите што се на програмата, рече извршниот директор на Фестивалот Зоран Велјаноски Летра.


Фестивалот има натпреварувачки карактер, а изборот на најдоброто филмско остварување, за најдобра машка и женска улога ќе го врши тричлена жири комисија предвоена од македонскиот режисер Антонио Митриќески.

–  Минатите изданија на фестивалот понудија навистина добри филмови. Франција е кинематографија што што произведува над 270 филмови годишно. За ова фестивалско издание се избрани седум најдобри филмови, од кои дел се наградувани во Кан. Не сум изгледал ниту еден од филмовите, така што останува сконцентирано да ги изгледаме, рече Митриќески.


На Фестивалот на францускиот филм во Охрид, кој се одржува во организација на Францускиот културен центар во Скопје, со поддршка на Министерството за култура на РМ, Филмскиот фонд, Градот Охрид, регионот Долна Нормандија, Универзитетот ЕСРА, како и повеќе познати француски компании во Македонија, ќе бидат прикажани десетина филмски остварувања на француската кинематографија.

OhridNews