Со целовечерен концерт на националниот ансамбл Танец на летната сцена Долни Сарај започна 61. издание на Балкански фестивал на народни песни и игри.
На концертот на Танец му претходеше церемонија на свечено отварање на која се обрати потпретседателот на македонското Собрание Горан Мисовски. Оваа манифестација, рече тој, овозможува афирмирање и промовирање на различните културни богатства на народите на Балканот, а и пошироко.
Нивното промовирање преку музика, песни и танци е голема умешност и јас ги охрабрувам сите вклучени институции и присутни изведувачи и во иднина да продолжите со зачувување и промовирање на овој фестивал, а ние ќе бидеме до вас за заедно да им ја всадиме љубовта кон народните песни и игри на младите генерации, за чувството на гордост и задоволство од посебноста на нашето придонесување во нивната толеранција и изразување на почит и кон различното, нагласи Мисовски.
Шеесет и првото издание на Балканскиот фестивал, според градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, повторно низ игра и песна ќе ги упати универзалните пораки на уметничкоот изразување за хуманизам, разбирање на различностите и презентирање на сопствениот идентитет, јазик и културно наследство.
Пораките денес се уште позначајни во време кога над Македонија се надвиснуваат сеништа на минатото, загрозувајќи ја иднината на нашиот народ. Верувам дека и ова издание на Фестивалот ќе го покаже милениумскиот цивилизациски белег на Македонците, како што тоа го покажуваат и нашите гости од Балканот и пошироко, рече Пецаков.
Балканскиот фестивал на народни песни, нагласи, не е само македонски, туку е и светски културен трезор, во кого грижливо се чуваат богатствата на фолклорната традиција, не само на македонскиот туку и на многу други народи.
Во наредните фестивалски денови на Балканскиот фестивал свои настапи ќе имаат фолклорни друштва од земјават и од Албанија, Србија, Словачка, Босна и Херцеговина.
OhridNews