Подобрување на квалитетот на времето на старите лица, намалување на осаменоста и социјалната изолација, поттикнување на физичката и менталната активност, зачувување и развивање на индивидуалните способности, поттикнување на меѓусебното дружење и солидарноста, стекнување нови знаења, активно учество на старите лица во животот на локалната заедница, како и меѓугенерациска соработка и поврзување на различни генерации ќе понуди Центарот за дневен престој на стари лица со активно стареење кој официјално започна со работа од денес. Во моментов Центарот го посетуваат околу 30 корисници.

Координаторот на проектот, Илија Миштакоски, во обраќањето на свеченото отворање на Центарот рече дека конечно старите лица добиваат свое катче.

Интересно катче за дружење за старите лица, каде ќе можат да имаат поголема социјализација, дружба, самореализација, самопотврда, каде ќе можат да ги изразуваат нивните креативни способности. Едноставно сакаме да прерасте во едно катче со смеа, радост, забава, песна, игра. Добредојдени се сите стари лица кои се заинтересирани да членуваат, согласно нашата програма и согласно нашиот план, посочи.

Центарот е лоциран во зградите зад бензинската пумпа „Лукоил“, на излезот од Охрид, на булеварот „Туристичка“ кон Скопје и ќе работи од 8 до 16 часот.

Во него ќе се реализираат различни активности приспособени на интересите и можностите на корисниците: лесни физички вежби, креативни работилници, музички и културни активности, читање проза и поезија, едукативни работилници и предавања, одбележување значајни датуми, излети, посети, организирани дружења, меѓугенерациски активности со деца и млади, како и волонтерски активности од интерес за локалната заедница.

Отворањето на Центарот го поздрави и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, кој рече дека поддршката на Центарот ќе биде долгорочна и дека локалната власт е тука да ги слуша и реализира идеите што ќе носат подобар живот за сите, па и за старите лица.

Со отворањето на овој Центар исполнуваме едно важно ветување и создаваме место каде што нашите повозрасни сограѓани ќе имаат можност за дружење, рекреација, различни активности и квалитетно поминато време. Нашите повозрасни сограѓани го градеа Охрид и со својот труд го создаваа градот што денес го имаме. Затоа заслужуваат почит, внимание и грижа, но и простор каде што ќе бидат активни, заедно и дел од заедницата. Општина Охрид ќе продолжи и во иднина да вложува во социјални услуги, во проекти кои директно го подобруваат квалитетот на живот на сите генерации и кои го прават нашиот град подобро и потопло место за живеење, рече Пецаков.

Пред свеченото отворање на Центарот за дневен престој, НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид донираше книги за нивното библиотечно катче. Директорката Христина Трпеска, во кусото обраќање на настанот, вети дека Библиотеката и натаму ќе биде партнер на луѓето од третото доба и дека тие можат да сметаат на поддршка, но и на проширени и надградени заеднички активности.

Инаку, проектот за отворање на Центар за дневен престој на стари лица е реализиран од Општина Охрид со поддршка од Светска банка и Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека носител на проектот е Здружението на граѓани ВОПС.

OhridNews