Под мотото „УКЛО и пријателите-повеќе од образование“ на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид се одржува Отворен ден, како можност за размена на знаења и искуства, но и можности кои ги нудат факултетите во рамки на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и на присутните компании партнери.

Традиционално на овие отворени денови имаме присуство на компании, на нашите студенти, професори, дискутираме за проблемите, а присутни се и претавници од Општина Охрид, рече ректорот на Универзитетот „Св, Климент Охридски“ во Битола, Игор Неделковски, потенцирајќи дека во таа насока е и одбрана денешената тема.

Универзитетот не е место каде што се добива само образование. Универзитетот со својата научна, апликативна и развојна компонента има за цел да допринесе за бенефит на заедницата во која функционира, за развој на регионите во кои е активен и преку образование на млади кадри и преку споделување на знаењето за добробит на општеството. Примарна е соработката со компаниите. Универзитетот ја губи својата смисла доколку едуцира млад кадар кој не би можел лесно да најде вработување. Затоа е многу битна соработката со компаниите, не само за тоа да го слушниме нивниот глас и потреби, каков кадар им треба, туку компаниите уште во текот на студирањето да дојдат во контакт со нашите студенти и да ги привлечат на пракса или да ги вработат. На овој начин ќе се задржи и кадарот во државата, посочи Неделковски.

Додаде дека во наредниот период ќе следи потпишување Меморандум за соработка со Општина Охрид, а Универзитетот иако формално-правно нема никаква поврзаност со локалните самоуправи мора да делуваат заеднички.

Посебно УКЛО како регионален, бидејќи целта на секоја општина е да има поголем број на образовани млади луѓе, тие да останат во општините да живеат, со што ќе се привлечат и нови инвестиции. Како Универзитет сме еден од механизмите тоа да им го овозможиме на општините. Затоа и потпишавме веќе со некои општини Меморандуми за соработа и веќе некои општини даваат стипендии за пракса на нашите студенти се со цел за придонес кон подобар развој на регоните каде делуваме, истакна Неделковски.

Ако земеме во предвид дека повеќе од 70% во создавањето на бруто-домашниот производ учествуваат услужните дејности, тогаш со право можеме да кажеме дека кадарот кој произлегува од нашиот Факултет наоѓа вработување во услужните дејности, истакна деканката на ФТУ Охрид Снежана Дичевска посочувајќи дека факултетот има повеќе од 54 годинишно искуство.

Со оглед на тоа дека расте побарувачката на работна сила во туризмот и угостителството и со оглед на овој тренд кој постои и во државата и градот, се чувствува недостиг на работа сила. Ние се трудиме, но тоа што ни е адут за привлекување на средношколците е постојаниот раст на побарувачката за работна сила. На овој Отворен ден се претставуваат сите факултети кои се во склоп на УКЛО со своите студиски програми со цел матурантите, средношколците да можат на едно место да се запознаат со понудата која Универзитетот ја има, а можеме да се пофалиме со атрактивни студиски програми за студентите. Денес присутни се и претставници од реалниот сектор, оние компании со кои ФТУ Охрид соработува и ќе ги презентираат своите можности. Присутни се компании од индустријата, финснискиот сектор, осигурителните компании, банки, хотели, мотели, винарии, туристички агенции…, значи на едно место ќе може да се запознаат и со студиските програми кои се нудат на секој факултет на Универзитетот и со можноста за реализација на практична настава, па можеби и да се пронајдат и да започнат да ја развиваат својата кариера, додаде Дичевска.

Поврзаноста на Универзитетот и Општина Охрид е врската која секогаш треба да ја негува секоја локална самоуправа, бидејќи главниот добробит ќе биде користа на студентите односно користа на самите професори, но и на заедницата, рече заменик градоначалникот Перчо Божиновски.

Ваквите денови се оние кои треба да ги негуваме и таа меѓусебна поврзаност Општина Охрид секогаш ја негува како поддршка за УКЛО, а конкретно Факултетот за туризам е една од тие гранки каде ние имаме многу голема соработка во областа на туризмот, културата, спортот, економијата и особено во поглед на изработката на Физибилити студиите за руралниот развој, туризам…, истакна Божиновски.

Во рамки на Отворениот ден се одржаа две панел дискусии од кои едната на академската заедница од УКЛО и бизнис секторот, а втората на најуспешните студенти од УКЛО. На шатдовите поставени во холот на Факултетот се презентираат можностите на компаниите и факултети од УКЛО.

Отворен ден на ФТУ Охрид под мотото „УКЛО и пријателите-повеќе од образование“ 

 

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски