Во рамките на проектот ‘Промовирање на земјоделството со високи природни вредности и агро-еколошки плаќања преку граѓанските организации” утре во с. Орман ќе се одржи Отворен ден со земјоделците на влезот на селото, во близина на мостот.
Организатор на настанот е Движењето на екологисти на Македонија (ДЕМ) преку локалната членка ЕД Грашница – Охрид. Модератори се проф. д-р Сузана Кратовалиева од Банката за гени при Земјоделскиот Институт – Скопје и Руска Мицева, професор, биолог, координатор на проектот.
Организаторот ги поканува земјоделците да го проследат настанот и воедно повикува да понесат стари предмети кои ги чуваат, а ги користеле нивните предци: домашно изработени предмети, храна, домашни преработки на различни земјоделски плодови и сл.
На средбата ќе се дискутира за типот на земјоделството кое го практикуваат од аспект на концептот на земјоделие со високи природни вредности и заштита на биолошката разновидност, информираат од ЕД ‘Грашница”
За проектот:
„Промовирање на земјоделството со високи природни вредности (ХНВ) и агро-еколошка наплата преку граѓанските организации во Македонија“
Проектот се спроведува заеднички од страна на Движењето на екологистите на Македонија – ДЕМ чиј член е ‘Грашница” – Охрид и Центарот за граѓанска иницијатива (ЦГИ), во соработка и со поддршка на две меѓународни невладини организации – Авалон од Холандија и Институтот за европска политика за животната средина (ИЕЕП) од Велика Британија.
Проектот се фокусира врз позитивните придобивки од одредени видови на земјоделство во Македонија, заради заштита на нашите вредни живеалишта и важните видови од растителното и животинското богатство.
• Во тек (од 26-31 март 2012) се и средби со претставници од различни целни групи (земјоделци, асоцијации на фармери и други НВО, локални претставници на државни институции, на локална самоуправа, медиуми). Овие средби ќе се оджат на 6 локации во Македонија (Пехчево, Пробиштип, Лакавица – штипско, Новаци, Ростуше и Охрид).
• Воспоставена е “Проектна управна група” (на високо меѓуминистерско ниво, во која членуваат претставници од МЗШВ и МЖСПП, претставник од амбасатата на Холандија, претставници од организациите/национални координатори-ДЕМ и ЦГИ и претставник на АВАЛОН);
• Идентификувани се и подготвени предлог политички мерки за рурален развој во кои е вклучена поддршката на ВПВ системот на одгледување на земјоделските култури и стока, со посебен акцент врз можностите за воведување агро-еколошки плаќања (вклучувајќи ја нивната поврзаност со ИПАРД програмата за Македонија). Целта на овие предложени мерки се заштита на земјоделството со високи природни вредности и враќањето на традиционалните земјоделски практики кои придонесуваат за подобрување на биолошката разновидност и социо-екониомските услови во руралните подрачја на Република Македонија;
• Постигнат резултат
Развиени се мерки кои се однесуваат на:
• Заштита на традиционалните пасишта со висок процент на полу-природна вегетација (одржливо управување со пасишта и нивна ротација);
• Одржување на природните карактеристики на пределот преку одржување на природните граници и меѓи на обработливите површини;
• Практикување на одржливи земјоделски практики, што подразбира: намалено користење на пестициди и ѓубрива, намалено загадувањето на водата и почвата, зголемена содржина на органска материја во почвата, подобрени хемиски својства, заштита на почвата и водите од загадување од земјоделски извори.
Сите мерки се насочени кон поддршка на екстензивното традиционално земјоделство. Овие шредлог мерки, од името на проектот и организациите кои учестиваа во реализацијата на проектот (ДЕМ и ЦГИ) ќе бидат доставени до Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство на Република Македфонија, лобирајќи истите да влезат во програмите за субвенционирање на ваквиот тип земјоделци.
• Во тек е национална кампања спроведувана од страна на локалните членки на ДЕМ, со цел да се промовираат “скриени вредности” на традиционалните и со низок интензитет земјоделски системи во Македонија. Оваа кампања вклучува разни активности: изложба на фотографии (која ќе се реализира во 9 градови во Македонија, форуми, работилници за запознавање и на најмладата популација со вредностите кои нашата држава ги поседува и традицијата која се задржала на одделни региони. Најмладите ќе творат на тема „Заштити ја природата – зачувај го традиционалното земјоделство“; во одделни региони ќе се организираат настани под наслов „Отворени денови за земјоделците“ на кои, фармери кои ги негуваат традиционалните земјоделски практики ќе имаат можност да се претстават со своите продукти на пошироката јавност. Направен е и радио и ТВ спот кој ќе се емитува на националните и локални медиуми за запознавање со проекот и на пошироката јавност, младите и практично ќе се запознаваат со традиционалните земјоделски практики посетувајќи бачило, ќе се организраат и специјални едукативни средби со студенти на земјоделскиот факултет во Штип за да се запознаат со овој концепт практикуван во Европа и др. Овие активности ќе се реализираат во следниве градови: Куманово, Пехчево, Пробиштип, Валандово, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Охрид, Ростуше, Македонски Брод и Скопје.
• На крајот од проектот (кон крајот на мај 2012 година) ќе се организира завршен состанок за пренесување на резултатите од проектот и промовирање на “Прирачник за објаснување на земјоделството со високи природни вредности (ВПВ) “.