Презентирани струките и профилите за упис на ученици во прва година на отворениот ден денес во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Голем број идни средношколци можеа да се запознаат и со начинот на изведување на наставата во училиштето, како и со соработката со компаниите кои се вклучени во процесот на спроведување на дуалното образование.
Во оваа насока свои штандови имаа партнер компаниите „Костал“, „Магна“, „ОДВ – Електрик“ и „Леарница“ со кои училиштето години нананзад остварува успешна соработка. Како претставници од локалната самоуправа на отворениот ден присуствуваа и претседателот на Советот на Општина Охрид, Сашо Донев и советникот Наум Јамандиев.
На настанот присуствуваше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири, кој денеска покрај во ова беше и во посетна на средните стручни училишта „Ванчо Питошевски” во Охрид и „Нико Нестор” во Струга.
Продолжуваме со втората фаза на реализација на програмата која заедно МОН и Амбасадата на Швајцарија ја реализираат во делот на промоција на стручното образование. По анализите направени од првата фаза, ја продлжуваме втората со посета на сите средни стручни училишта. Кога има добра соработка меѓу централната власт, локалната самоуправа и бизнис заедницата може да се постигнат добри резултати и тоа да биде поврзано и со барањата на пазарот на труодoт. Овој проект се покажа како успешен заради тоа што и бројот на дуалните паралелки е три пати зголемен во споредба со претходната година, а исто така ова е знак дека склучените договори за соработка помеѓу средните училишта, професионалните струки и компаниите три пати се зголеми. Ова значи дека барањата на пазарот на трудот се поврзуваат со барањата на компаниите, а за учениците посетувањето на дуалните паралелки во стручното образование ќе дадат значаен придонес за нивно понатамошно вработување и останување во нашата земја, рече Шаќири.
Посетата на министерот е во рамки на втората фаза од кампањата за промоција на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно”, чија цел е запознавање на идните средношколци со перспективите и можностите кои ги нуди овој тип на образование.
Н.С.Ј.













