Отворен ден во СОСУ „Свети Кирил и Методиј“ Охрид преку кои полуматурантите имаат можност да се запознаат со програмите, плановите и новите можности кои ги нуди ова училиште, но и средношколците од училиштето ги презентира своите способности на традиционалниот Саем на училишни компании.

Директорот на училиштето, Ристе Јанкоски, вели дека ова е одлична можност за промоција на училиштето и новите профили после еден период на Ковид пандемија и мерките кои беа воведени.

Од годинава се воведуваат е-трговијата и дигитален маркетинг и дуалната паралелка за економски техничар што ќе биде нешто ново. Гледаме преку овие отворени денови да ги промовираме и тие два нови профили и тоа што веќе го работат професорите и учениците во текот на целата година имаме шанса после периодот на Ковид мерките, да направиме една промоција на нашето училиште. Профилите кои се изучуваат кај нас се доста барани на пазарот на трудот во Охрид на пазарот на трудот. Имаме склучено договор и со странска компанија во Охрид во насока на новиот профил за е-трговија и мислам дека ќе има интерес и за оваа насока, а очекувањата е дека ќе се пополнат сите места во училиштето, вели Јанкоски.

Осум училишни компании и три реални компании се дел од денешниот саем, вели Јанкоски додавајќи дека училишните компании ги имаат осмислено децата, врз основа на бизнис план, додека другите три се реални компании кои се соработници на уилиштето во одржувањето на практичната настава на учениците во текот на учебната година.

Професорот Горан Попоски вели дека по предметот практична настава веќе низа години го организираат Саемот на училишни компании кој за матурантите е еден вид лична сатисфакција, а за професорите огромно залагање и успех за популаризација и подигнување на имиџот на училиштето.

Покрај нашите училишни компании што ги формираме од самиот почеток па се до крајот на школската година учениците се стекнуваат со знаења од многу области и вештини за бизнисот, економијата, правото, деловното работење и останатите економски предмети што ги имаме вклучено како еден коктел во оваа практична настава. Ред, работа и дисциплина само тоа е патот до успехот. Што се однесува до учеството покрај нашите училишни компании, традиционално покануваме и реални компании кои го потпомагаат и го збогатуваат овој училишен Саем на компании, додава Попоски.

Многу важна улога игра практичната настава во образованието на учениците, вели професорката Весна Маркоска, додавајќи дека покрај теоретското знаење, практичната настава досега резултирала со многу големи придобивки за учениците бидејќи се учат вештини и се оспособуваат да ги работат работите преку симулирани ситуации од реалните компании според законските прописи и норми кои владеат во деловниот свет.

Значи од идеја за своја сопствена компанија, понатаму до нејзино регистрирање, документи и се тоа што реалните фирми практично го работат ние овде го спроведувавме со учениците од четврта година. Меѓутоа ова е последна година по старата програма за практична настава. Веќе од следната година нашите ученици, кои веќе и имаат почнато, ќе ја одработуваат преку учење кај работодавец во текот на целокупната година, ќе посетуваат часови во реална фирма, во реално деловно опкружување и феријална пракса после изучувањето во трета и четврта година во повисоките класови. А новата дуална паралелка ни е еден доказ колку е важно практичното образование и таму имаме зголемен број на часови на практична настава, така да мислам дека децата ќе се оспособат со големи вештини и знаења и ќе можат многу полесно да се вклучат на пазарот на трудот и многу полесно ќе можат да конкурираат на работните позиции со кои ги носи струката економски техничар и новата струка електронска трговија и дигитален маркетинг, додава Маркоска.

Во училиштето има 127 слободни места според Конкурсот објавен од МОН,  во економско – правна и трговска струка – 93 ученици каде влегуваат смеровите економски техничар, е-трговија и дигитален маркетинг, економски техничар-дуална паралелка, како  и здравствена струка – 34 ученици, односно за смерот медицинска сестра.

Н.С.Ј.