Албанија е наш сосед, регионален партнер во НАТО и сојузник, а односите и соработките помеѓу двете земји се засновани на взаемна доверба, почит и посветеност за реализирање на стратешките цели на двете држави во рамки на процесот на евроинтеграцијата, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во обраќањето на отворањето на Генералниот конзулат на Р. Албанија во Струга на кое присуствуваа делегација од Албанија предводена од министерот за надворешни работи Игли Хасани, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, министри, заменици министри, пратници…

Станува збор за процес кој има исклучителна важност и за двете земји, но и за регионот како целина кој одмна се стреми за целосно интегрирање во европското семејство, посочи Муцунски.

Ова е и заедничка констатација од разговорите кои утрово ги имав со албанскиот министер за надворешни работи Игли Хасани. Отварањето на Генералниот конзулат во градот на поезијата Струга нема да претставува само институционално присуство, туку ќе биде и силен мост на комуникација помеѓу нашите две пријателски и соседни држави и симбол на блискост, заемно разбирање и соработка. Генералниот конзулат ќе им овозможи на граѓаните послесен пристап до конзуларни услуги и поблиска врска со институциите на двете земји што е особено значајно за луѓето кои секојдневно се движат преку границите поради семејни врски, бизнис, транзитирање или туризам. Тоа, пак, ќе придонесе за засилен економски и туристички развој, како и поголема културна размена. Отворањето на овој Конзулат е уште вредна алка во богатата мозаична слика на одличните односи кои ги негуваме веќе подолг временски период. Патот на соработка и дијалог и меѓусебната поддршка е единствениот и најдобриот начин за напредекот на целиот регион, потенцираше Муцунски.

Отворањето на генералниот конзулат на Албанија во овој симболичен град не е само дипломатски потег туку конкретен знак за нашата посветеност да бидеме поблиску до нашите граѓани, да ги зајакнеме врските помеѓу двете земји и да ја продлабочуваме соработката во регионот што бара стабилност, развој и економска иднина, потенцираше албанскиот министер Хасани.

Отворањето на овој Конзулат кој ќе се прошири и на области и надвор од градот како што се Охрид, Битола, Кичево, Дебар, Ресен и други региони е природен чекор кон зголемување на пристапот, услугите и поврзаноста на албанските заедници со својата матична држава. Во време кога движењето на нашите граѓани се зголеми значително како заради туризмот, така и заради сезонски и економски ангажмани, потребите за конзулски услуги стануваат се повеќе итни. Овој Конзулат нема да биде само канцеларија за документи, туку функционален мост помеѓу државата Албанија и нејзините граѓани, просторија што ги приближува услугите и ја потврдува институционалната грижа. Овој Конзулат ќе служи и како платформа за прмоција на албанската култура, за поттикнување на академското и уметничко разменување, за зближување на бизнисите, како и за креирање на нови мостови во областите на одржлив развој од земјоделството и туризмот до енергијата и здравството, посочи Хасани.

Потенцираше дека односите помеѓу Р. Албанија и Р.С. Македонија се изградени на силен темел на пријателство, соработка и взаемно почитување.

Го цениме големиот напредок што е постигнат во изминатите години и остануваме посветени на продолжување на оваа соработка на сите нивоа, политчко, економско, социјално и културно ниво. Во овој контекст албанскиот политичкиот фактор има и продолжува да има незаменлива улога од важните процеси на државотворност и демократизација до безрезервната поддршка за интеграција и заедничкиот евроатлански пат. Од друга страна Р. Албанија секогаш покажа грижа и почит кон македонското малцинство на нејзината територија сметајќи го како заедничко културно богатство и мост на соработка помеѓу двете земји. Правата на малцинствата се неразделен дел од нашите демократски вредности и постојан приоритет на нашата надворешна и внатрешна политика, додаде Хасани.

На свеченото отворање на Генералниот конзулат во Струга претходеа тет-а-тет средба меѓу министрите Муцунски и Хасани, како и работен појадок на двете делегации во Охрид.

Н.С.Ј.