Премиерот Зоран Заев и српската премиерка Ана Брнабиќ денеска и официјално го пуштија во употреба интегрираниот граничен премин помеѓу Србија и Македонија.

Како што истакна премиерот Заев, заедничкиот граничен премин Табановце-Прешево предвидува и заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, „One-stop-shop“.

Со новиот концепт, времето на минување на граница се крати за половина. Ова е последна фаза во создавањето услови за поголема размена на стоки и полесно движење на граѓаните, рече Заев.

Со спојувањето на граничните и царински контроли на Табановце и Прешево минувањето на српско-македонската граница ќе се спроведува на едно место. Пасошката контрола и царинската управа од денеска ќе се спроведуваат на српската страна од границата. Службите од македонскиот граничен премин ќе се преселат во објектот на српските колеги.