Конкурсот за учество во Обуката на млади лидери, којa под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов по петти пат ќе се одржи во Охрид во август годинава, е отворен од 24 мај до 5 јуни.
Програмата е намената за млади луѓе со завршено високо образование, кои имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.
„Програмата опфаќа предавања од лидерството и менаџментот со еминентни предавачи и гости од земјата и странство, менаџмент симулации и практични вежби. Наставата ќе се одвива на македонски и англиски јазик. Право на учество имаат сите млади од Република Македонија и деца на наши иселеници што живеат во странство. Трошоците за сместување со полн пансион ќе бидат покриени од страна на Претседателот на Република Македонија, како покровител на оваа програма. “ – велат од кабинетот на претседателот.
За да можат да конкурираат кандидатите треба одлично да го познаваат англискиот јазик, просекот од високо образование (додипломски студии) да биде еднаков или поголем од 8,5. (или еквивалентно според македонскиот систем за оценување доколку се работи за диплома од странство). Работно искуство од една до пет години и магистратура од соодветната област ќе се смета за предност.
Со апликацијата за учество на Школата за млади лидери, која ќе се одржи од 18 до 28 август, кандидатите треба да достават две препораки од нивната организација, компанија или факултет, потврда за одлично познавање англиски јазик, копија од уверение за положени испити, биографија и кратко мотивациско писмо.
Комплетната апликација треба да се испрати по пошта најдоцна до 5 јуни на адреса: Кабинет на Претседателот на Република Македонија, (Комисија за избор „Иванов Школа за лидери – Меѓународна“) „Вила Водно“, Ацо Караманов 33А 1000 Скопје.
OhridNews