Со пригодна свеченост на која присуствуваа министри на владите од двете земји, претставници на дипломатскиот кор, гости и званици, денеска во Охрид беше отворен Конзулат на Република Србија. За почесен конзул е назначен познатиот изработувач на автентичен Охридски бисер, Михајло Филев.
Како што истакна министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ, отворањето на ова дипломатско претставништво е само логично продолжување на билатералните, пријателски и добрососедски односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Србија. Тие односи дојдоа во кулминативна фаза на својот развој со иницијативата Отворен Балкан каде се продолжува тенденцијата на одржување не само на добрите односи и зајакнување на истите, туку и создавање на услови за продлабочување на соработката во различни области, додаде тој.
Потполно сум уверен дека отворањето на Конзулат во Охрид на чело со почесниот конзул Михајло Филев ќе овозможи унапредување на соработката на Република Србија со Република Северна Македонија. Ова не е само билатерална соработка на политичко ниво, туку соработка и во областа на културата, во Охрид и на туризмот, но и на зајакнување на нашите економски односи. Соработката со соседните земји во чувањето на мирот и стабилноста на регионот, тежнеењето на полноправно членство кон ЕУ, се приоритети на надворешната политика на Република Србија и овие наши приоритети веројатно секој би помислил дека се приоритети што е и така, и на РСМ. – рече Селаковиќ.
Заедничката желба за соработка и зајакнување на мостовите кои не поврзуваат се гледа и низ историската иницијатива на Отворен Балкан каде три држави направија сериозен исчекор во насока на економската соработка и подобрување на квалитетот на живот на сите свои граѓани, посочи Селаковиќ.
Како што порача и претседателот Вучиќ на неодманешниот Самит, најголемата сила впрочем лежи во народот кој ја препознаа неопходноста за меѓусебна соработка и поврзување. Тоа што денес го правиме со отворањето на Конзулатот во Охрид еден ден ќе биде историја, а на тоа што е историја не можеме да влијаеме. Но на ова што го работиме денес ние и тоа како влијаеме и така ја создаваме историјата. Ќе се бориме таа историја да биде проткаена со мир, стабилност, толеранција и пријателски односи – подвлече српскиот министер за надворешни работи.

Министерката за култура на Македонија, Бисера Костадиновска Стојчевска, истакна дека ова е уште една потврда и силен поттик за унапредување и продлабочување на билатералната соработка меѓу две блиски и пријателски земји во сите области од взаемен интерес посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и особено во делот на туризмот.
Охрид како и до сега е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени во што поголем број. РС Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата, кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите сфери на творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи. Наскоро очекуваме да биде потпишана и новата програма за културна соработка која значително ќе ја зголеми презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја. Убедена сум дека со отворањето на српскиот конзулат во Охрид во градот на културата, уметноста и културното наследство, дополнително ќе ги зближи нашите држави. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформување на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност, додаде Костадиновска Стојчевска.

Ваквиот чекор не претставува мост за зближување бидејќи, мостот веќе постои, туку е надградување на тој мост со нови чекори за поуспешна афирмација и презентација на српската добронамерност и пред се братска блискост покажана и докажана многу пати во минатото и денес. Овој почесен Конзулат нека биде средиште од каде ќе се воспоставува нашата соработка на патот кој го продолжуваме генерациски за подостојно културно и политичко поврзување, истакна Филев.

Од денес, со отворање на почесниот конзулат на Република Србија во Охрид, создаваме нови можности за градење уште поцврсти мостови на заедништво и зближување меѓу нашите граѓани. Се надевам дека тука ќе се родат многу нови идеи и иницијативи за остварување на стратешки интереси и унапредување на економската и стопанската размена, особено во делот на туристичките дејности. Општина Охрид отсекогаш била дел од билатералните процеси помеѓу Македонија и Србија и одржува долгогодишно пријателство. Збратимени сме со градовите Крагуевац и Инџија, а имаме потпишано протоколи за соработка со Земун, Лесковац, Александровац и градската општина Медијана од Ниш. Се надевaм дека во наредниот период ќе воспоставиме официјална соработка и со други српски центри, со кои имаме заеднички интереси. Локалната самоуправа секогаш ќе биде подготвена да го поддржи функционирањето на ова дипломатско претставништво и да даде придонес онаму каде што е потребно. Очекувам, во иднина да ги зачестиме нашите средби и да имаме плодна соработка. – рече Пецаков.

Отворен Конзулатот на Србија во Охрид
Н.С.Ј.



















