Отворен новиот Изложбен центар на Белчишкото блато во Општина Дебрца. Градоначалникот Зоран Ногачески ја потенцираше важноста и значењето на ваквите погранични проекти, и особено ја нагласи благодарноста до Европската унија што овој проект го препозна како еден од најуспешните проекти и даде можност за афирмација на еден од најзачуваните блатни системи во Македонија – Белчишкото блато.

Целта на Проектот беше да се обезбеди одржливо управување со заштитените области, екосистемите и биодиверзитетот. Во рамките на проектот беа спроведени подготовка на оригинални слики и видеа од локална флора во Белчишкото Блато, развој на мобилна андроид апликација и реконструкција на објект во село Белчишта и негова адаптација во изложбен објект / музеј за флората на Белчишкото Блато, информираат од Општина Дебрца.

Во својот говор градоначалникот Ногачески посебно го истакна задоволството што и Општина Дебрца е партнер во овој проект и дека истиот е во функција на заложбите Дебрца ( во случајов Белчишкото Блато “Сини Вирој” ) да прерасне во атрактивна еко туристичка дестинација. Ова е прв проект од прекугранична соработка во кој учествува општина Дебрца и преку кој се стекна со нови искуства во процесот на аплицирањето и имплементација на ваков тип на европски проекти.

Во овој Проект Општина Дебрца е партнер заедно со Јавното претпријатие за управување и заштита на повеќенаменската област “Јасен” и Шумарскиот факултет, од македонска страна и општина Терми и националната организација за земјоделски науки “Деметер” Солун,од грчка страна.

Проектот е финансиран од Европската Комисија, Interreg IPA-Cross Border Cooperation Programme MK GR ( 85 % ) и Министерството за локална самоуправа на РМ ( 15 % ).

OhridNews