Во Охрид денеска свечено беше отворен Првиот оперативен и тренинг центар на спасувачката служба на Црвениот крст за интервенции на планина и непристапни терени, кој ќе делува трансгранично. Лоциран е во хангарот на Црвениот крст кај автобуската станица. Тој е дел од проектот „Регион Охридско Езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам“, финансиран од ИПА фондовите.
Не е целта само да привлекување туристи, туку и да обезбедиме нивна заштита. За поздравување е што една од компонентите на овој проект се отвора тука, тоа е за безбедност на лицата кои доаѓаат тука за планинарски туризам. Нив во случај на потреба ќе им помагаат обучени професионалци. – изјави министерот за локална самоуправа Горан Милески.
Ова треба да биде модел на соработка помеѓу двете земји, бидејќи е во интерес како на луѓето, така и на туристите од двете страни на границата. – истакна Самуел Жбогар – амбасадор на ЕУ во нашата земја.

Сакам да оддадам почит на прекрасната и ентузијастичка екипа на Црвениот крст Охрид, за целокупниот пристап целиот регион да биде безбедна дестинација. Ние како локална самоуправа секогаш ќе сме тука да ги промовираме овие активности. – истакна градоначалникот Георгиески.

Вчерашната акција беше пролонгирана неколку часа поради чекање на потребните меѓудржавни одобренија за интервенција на спасувачките екипи на територија на друга држава што го отвора прашањето за поедноставување на процедурите, на што во иднина заеднички ќе работат Македонија и Албанија.
Ќе формираме координативно тело кое ќе работи на поедноставување на процедурите да можеме ние да интервенираме на албанска територија доколку е потребно. – изјави Антонио Додевски од Центарот за спасување на планина и непристапни терени при Црвен Крст Охрид.

Фото галерија:
Г.М.
Фото: А. Момироска
























