Вработените од Јавната установа Национален парк Галичица со допис до медиумите ја образложуваат моменталната состојба во установата и велат ангажирање на шумарски техничар ќе преставува само дополнителен товар за буџетот на институцијата.

Писмото го пренесуваме во целост:

Во последниве неколку години Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ) постигнува сериозен напредок во исполнувањето на меѓународните стандарди за управување и заштита на исклучителните вредности кои паркот ги поседува. Ваквите, слободно можеме да кажеме успеси се дополнително вредни имајќи предвид дека ЈУНПГ е една од клучните институции задолжени за управување со Природното и културното наследство на Охридскиот регион впишани во листата на УНЕСКО и единствениот Прекуграничен Биосферен резерват во РСМ.

Во продолжение неколку факти кои се потврда за постигнувањата.

1. ЈУНПГ во 2021 година, во процедура предвидена со Законот за заштита на природата, донесе План за управување со Национален парк Галичица за периодот 2021-2030 година, изработен од страна на вработени во ЈУНПГ. Ова е прв ваков случај во РСМ. Сите други Планови за управување со заштитени подрачја поради слабиот капацитет на управувачите се изготвени од страна на надворешни експерти  најчесто со странска финансиска помош.

2. Една од главните определби на овој План за управување е одлуката за престанок на директното користење на природните ресурси (во прв ред шумите) за финансирање на управувањето и заштитата на природата на паркот. Вакватаопределба на Планот за управување беше поздравена и подржана од сите инволвирани во донесувањето на Планот, вклучително и Министерството за животна средина и просторно планирање. Ова има исклучителна тежина имајќи ја предвид децениската традиција на функционирање на националните паркови како шумски стопанства. Тука секако, треба да ја имаме предвид и генералната препорака на IUCN, заштитата и управувањето со заштитеното подрачје во категорија II, национален парк да биде од јавни пари, а не од директно користење на природните ресурси. Дополнително, Центарот за светско наследство/ICOMOS/IUCN во својот извештај од 2020 година, од заедничката Реактивната мониторинг мисија, препорачува зајакнување на управувачката рамка и ефективноста со обезбедување подршка ЈУНПГ да донесе План за управување за перодот 2021-2030 кој ќе обезбеди прекин на директното користење на шумите, нивна подобра заштита и регулирани активности на одржлив туризам (препорака 3.г).

3. ЈУНПГ и покрај изостанокот на финансиска помош од државата и во услови на драстично намален број на посетители поради пандемијата предизвикана од COVID 19, успеа да ја почитува одлуката на Планот за управување за престанок на директното користење на шумите. Ова беше возможно само пореди значајната финансиска помош (половина од оперативниот буџет на ЈУНПГ) која паркот ја добива од ПОНТ (Фонд за доверба во охридско-преспанскиот регион).

4. ЈУНПГ ги спроведе сите препораки/барања кои од Комитетот за светско наследство на УНЕСКО беа доставени до Република Северна Македонија со цел да се зачува статусот Светско природно и културно наследство на листата на УНЕСКО, за кои имаше директна надлежност. Ваквиот ангажман на ЈУНПГ е нотиран во сите извештаи на советодавните тела на УНЕСКО.

За жал, напредокот кој ЈУНПГ го постигнува во подобрувањето на ефикасноста на управувањето со заштитата многу често е успорен, попречен и маргинализиран од ситни партиски и поединечни интереси. Влијанието на политичките партии во управувањето со паркот особено е нагласено во сите постапки за вработување.

Во последниве неколку месеци, установата е под исклучително голем притисок да спроведе постапка за вработување на шумарски техничар. Имајќи ја предвид одлуката за престанок на директното користење на шумите, ова работно место (испразнето по основ на пензионирање) е целосно непотребно. Ангажирање на шумарски техничар за ЈУНПГ ќе преставува само дополнителен товар за буџетот на институцијата, кој заради изостанокот на приходи од јавни пари многу тешко го обезбедуваме. Ова укажување за политичките партии е неважно бидејќи нивниот ангажман на локално (често пати и на национално ниво) се сведува само на вработување на партиски активисти во јавниот сектор.

Ваквиот притисок на долг рок ќе го искомпромитира работењето на ЈУНПГ и најверојатно ќе ја врати институцијата назад во времето да функционира како шумско стопанство.

ЈУНПГ со ваква информација се обрати до сите надлежни институции на државата (Претседателот на владата на РСМ Димитар Ковачевски, заменик претседателот на владата на РСМ за политики на добро владеење Славица Грковска, Министерот, Заменик Министерот, Државниот секретар и секторот природа во Министерсатвото за животна средина и просторно планирање), до повеќе невладини организации активни на полето на заштита на природата и до неколку меѓународни организации и амбасади (Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Париз, канцеларијата на IUCN, Бернската конвенција, ПОНТ, Канцеларијата на УНЕСКО во Венеција, до амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје и до членот на Европскиот Парламент Матијаж Немец). Подготовката и испраќањето на информацијава е подржана од скоро сите вработени во ЈУНПГ.

Поголем дел на вработените во Јавна установа Национален парк Галичица

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите