Во организација на Општина Охрид и Амбасадата на Унгарија во Република Македонија, денес, во Центарот за култура „ Григор Прличев“ во присуство на голем број љубители на уметноста, беше отворена изложба на дела од ликовни уметници Роми од Унгарија.

Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека денешната изложба ќе биде уште еден придонес во збогатувањето на соработката меѓу двете земји.

– Богатство на колорити и високоталентиран израз,  блика од изложените ликовни дела, предизвикува  емоции и не потсетува на особеностите на  ромската заедница  во сите сфери на уметничкиот израз. Изложбата, како што потенцираат критичарите, добива на значење зошто опфаќа автори, со најизразено творештво од 60-те години од минатиот век, време кога добива светски препознатлива форма и креира ликовна  култура кај Ромите, по која се водат и денешните генерации.Презентацијата на ликовното творештво на ромските ликовни уметници од Унгарија е само дел од Европската стратешка определба за целосна  еманципација на Ромите, процес кој последниве  децении се интензивира. Република Македонија, вклучувајќи го и Охрид, со бројни активности перманентно и системски работи на целосна еманципација на ромската етничка заедница и нејзино рамноправно учество во политичкиот и општествемиот живот. Почестени сме што оваа изложба на доајените  на ромската ликовна уметност во Унгарија   ќе биде дел од богатиот мозаик на културни настани што се одржуваат во Охрид. Уверени сме дека во иднина, заеднички  ќе организираме слични настани кои ќе придонесат за јакнење на пријателските врски меѓу државите и граѓаните, истакна Бакрачески.

За изложените дела зборуваше и познатиот охридски ликовен уметник Славко Упевче кој потенцира дека е вистинско задоволство да се видат делата преку кои авторите ги презентирале своите преокупации, а амбасадата на Унгарија успеа да ги собере и донесе на увид на нашата ликовна јавност.

Присутните ги поздрави и унгарскиот амбасадор во РМ, Јозеф Бенце.

Изложбата содржи 28 слики од 19 ликовни уметници од Унгарија.

OhridNews