Во црквата „Света Софија“, денес, беше отворена изложба на копии на фрески и икони со ликот на Свети Климент Охридски од црквите и манастирите во Македонија и во соседните држави. Изложбата е во рамки на одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски, во организација на МАНУ.

Претседателот на МАНУ Таки Фити во обраќањето пред присутните, истакна дека изложбата е извонредна збирка на икони со ликот на светецот, во избор на академик Цветан Грозданов, кој пак рече дека му е особено драго што неговата научна екипа од Центарот за културно наследство на МАНУ, заедно со колегите од соседните земји, досега има идентификувано повеќе од сто портрети на Свети Климент Охридски во Македонија и во дел од соседните земји.

– Најпрво тие се откриени во Охрид од каде зрачи култот негов, но ги има и во цела Македонија, потоа во јужна Србија, во Егејска Македонија, на Атос во Света Гора и во Албанија во регионот на Корча, Елбасан, Мала Преспа, рече Грозданов.

Тој додаде дека изложбата содржи 30 портрети, а дополнително ќе биде објавена и книга со сите досега откриени негови портрети.

– 1.100 години Охрид живее во слава на големиот светец, патронот на градот, првиот епископ македонски, творец на словенската писменост и култура и прв ученик на светите солунски браќа Кирил и Методиј. Имаме одлични проучувања на наши колеги од Грција, Србија, Албанија и соработката во научните кругови е совршена, доколку се исклучат политичките пречки. Инаку, изненадува што досега не откриен ниту еден портрет на Свети Климент во Бугарија, потенцира академик Грозданов.

Меѓу присутните на отварањето на изложбата беа и претседателите на академиите на науките и уметностите од  Бугарија, Србија, Албанија, Словачка, Хрватска, Црна Гора, Словенија, Босна и Херцеговина, како и претставници на Чешката академија на науки.

Одбележувањето на 1100 годишнината од упокојувањето на Свети Климент Охридски по отварањето на изложбата продолжи со концерт на Симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија и солистите Ана и Игор Дурловски, што се одржа во Центарот за култура.

Вечерва во Центарот за култура, со почеток во 21 часот, ќе се одржи и свечена академија.

OhridNews