Синоќа во Куќата на Уранија беше отворена изложбата Научна и уметничка визита 2013 „Охридскиот чинар“, во организација на академскиот сликар Славко Упевче, Македонската академија на науките и уметностите и охридскиот книжевен и научен центар „Уранија“.


 
Љубителите на ликовни уметнички дела, имаа несекојдневна можност да видат десет  слики од охриѓанецот Упевче, во кои се застапени мотиви од сите периоди на стариот охридски Чинар, почнувајќи од неговата убавина во минатото до неговото уништување.

Моментално се изложени 10 слики, кои се работени во период од околу 40 години. Со оглед дека близината на мојата куќа и моето ателје е веднаш до чинарот и тој како стожер на градот, центар каде што се случува се, ми претставува загатка и мотив да можам да работам. Исклучиво Охрид има толку многу делови кои треба да се сликаат. Тие претставуваат богата ризница која чека некој да ја отвори и да ја сработи.“ – вели Упевче.


Уметничките дела кои до 3-ти август ќе бидат изложени во Куќата на Уранија, претежно се работени во пастел и кваж техника.

Најиздашна техника за доловување на амбиентот и структурата на ова 1000 годишно дрво е пастелот, кој иако го работам толку години, се уште го истражувам.  Сите овие слики, на еден начин се сведоци на сите падови и издигнувања на чинарот. “ – додава Упевче.


Славко Упевче е роден во 1951-ва година во Охрид. Дипломирал на Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје, во класата на проф. Рубенс Корубин. Член е на ДЛУМ и ДЛУПУМ, а со самостојни изложби до сега се претставил низ Македонија, Бугарија, Србија, Хрватка, Словенија, како и на повеќе групни ликовни изложби и колонии во Европа и Америка. Неговите дела се наоѓаат во збирка на сите континенти.

О.Т.