Попладнево, во село Белчишта, свечено беше отворена јубилејната 30-та Интернационална ликовна колонија „Дебрца“. Во рамки на свеченото отворање посетителите имаа можност да видат голем број галериски дела, кои се само дел од вкупно создадените повеќе од 600 во текот на триесетте години од одржувањето на колонијата.
– Горд сум што издржавме 30 години уметничко творештво. Уште од самиот почеток целта на уметничката колонија беше, на пошироко ниво, да го развива културниот живот во Дебрца. Се вршеа разговори со бројни истакнати имиња на уметници кои потоа учествуваа и беа дел од колонијата.Меѓу нив беа и Димче Коцо, Вангел Коџоман, Димче Протугер, доаените на македонското сликарство, учествуваа и голем број уметници надвор од границите на Македонија, рече Ѓоко Целески, организатор на уметничката колонија.
Како што истакна градоначалникот Игор Трајкоски, ликовната колонија е еден од најзначајните настани кои се одржуваат во општината.
– Уметничката колонија значи многу за општина Дебрца, творештвото од изминатите 30 години е големо богатство, пред се поради тоа што мотивите се од Дебрца . Сега посетителите може да видат дел од создадените дела, се надеваме дека ќе можеме да ја прошириме галеријата со цел да можат да се видат сите творби на едно место, изјави градоначалникот Трајкоски.
Годинава, на уметничката колонија учествуваат 12 уметници од Македонија, Србија, Бугарија и Германија.
Уметничката колонија во Дебарца своите почетоци ги бележи во далечната 1985 година и со текот на времето прераснува во интернационална колонија. Уметничката колонија се одржува со поддршка на Општина Дебарца и ќе трае 10 дена. Ќе биде отворена секој ден за групни или поединечни посети.
Т.К.