Кон поезијата на Тони Попов, книгата „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ со суптилен и емоционален длабок јазик

Деновиве во Охрид се случи промоција на книгата на Тони Попов, „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и веднаш да кажам дека по подолго време во нашиов град се претстави книга која заслужува вистинско внимание.

Морам да признам дека поезијата на Тони Попов ја знаев фрагментарно, но при прочитот на книгата сфатив дека станува збор за сериозен поет, изграден поет и поет кој ја знае вештината и своите впечатоци, размислувања, инспирации да ги пренесе на еден ненаметлив, но сугестивен поетски јазик.

Песните во книгата функционираат како поетски патопис, но не во географска, туку во емотивна, егзистенцијална и моралистичка смисла; топонимите овде служат за означување на различни состојби на субјектот: осаменост, недоверба, сомнеж, загуба, некој вид на носталгија, однос или прекин кон/со минатото, телесност итн. Оваа поезија создава атмосфера на смирена, речиси документарна меланхолија, без патетика, но со полна тежина, гласот на поетот овде е смирен, но постојано потресен. Поетските слики се реалистични, но зад нив постои некаков метафизички слој. Значи, оваа не е поезија која стреми кон изненадувачки метафори (често нејасни), туку поезија што се фокусира на точниот момент кога човекот се чувствува најчовечки: смирена резигнација, тивка вознемиреност, краток здив, чувство на страв … – ретка вештина на еден поет.

Збирката претставува мапа на еден современ човек кој „се движи низ светот“ со чувство дека секое место е привремено, а сите времиња се неповратни. Овие се поетски текстови на тишината, меланхолијата, текстови за градови во кои никој никого не чека, хотелски соби што се исти, разговори што никогаш не се случуваат, на спомени што никогаш целосно не исчезнуваат. Песните се читаат како внатрешен монолог, но повеќе и како шепот на човек што не заспива, туку светот го гледа без „украси“ , а она што му преостанува е да ја запише вистината онаква каква што е: обична, несигурна, ужасна, но – човечка.

Ете, овие се импресиите што ме принудија да ги искажам во овој мал простор, бидејќи ваква книга ретко се случува, а јазикот со кој располага поетот е суптилен и емоционално длабок.

Славе Ѓорѓо Димоски

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите