Владата на Република Македонија на последната седница донесе одлукa за започнување постапкa за доделување на рибниот фонд на Охридското Езеро под концесија за вршење стопански и рекреативен риболов.

-Со доделувањето на концесиите на рибите од риболовните води се овозможува користење на рибите преку одржлив развој за стопански, рекреативен и спортски риболов, односно вршење стопански риболов. – информира владата.

Стопанисувањeто со рибите е детално уредено во Риболовните основи за одделните риболовни води кои преставуваат стручни судии за начинот на стопанисување со рибите и гарантираат одржливо користење и заштита на рибите, смета владата.

-Риболовната основа за риболовнта вода Охридско Езеро во почетокот на 2018 година е изменета во правец на целосна заштита и одржливо користење на рибите во езерото. Конкретно, направени се измени во делот на утврдување на периодот на мрест и времето во кое е дозволен риболовот и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за охридската пастрмка, охридската белвица и крапот. Исто така, заради одржување на популацијата намалени се количините на дозволен улов на видот охридска белвица. Направени се измени кои ги задоволуваат потребите на рекреативните риболовци, а со тоа и развојот на риболовниот туризам. Значајно е тоа што во оваа постапка за доделување концесија на рибите од риболовната вода Охридско Езеро се доделуваат на користење според овие измени. – соопшти владата.

Рибите од риболовните ревири и рекреативните зони за организирање рекреативен риболов, како и за вршење стопански риболов се доделуваат на концесија за период од шест години, по пат на јавен повик согласно Законот за рибарство и аквакултура и Законот за концесиии и јавно приватно партнерство.

Со рибниот фонд на Охридското Езеро до сега стопанисуваше „Пастрмка 2012“.

OhridNews