Во НУ Центар за култура „Григор Прличев” вчеравечер беше отворена самостојна ликовна изложба од професорката по ликовна уметност Жанета Стаиќ која пред охридската јавност претстави избор од дела насловен „Продолжи да сонуваш“.

На изложбата беа претставени 21 дело, во различни техники (акрил, акварел, колаж, мек молив, пастел и нивна комбинација) на различни подлоги (платно, картон и пластика).

Изложбата носи наслов „Продолжи да сонуваш“, а секој кој  ќе ја посети ќе влезе во светот на соништата на авторката.

Секое дело е родено од моите соништа, од слики кои не престануваат да живеат во мене и бараат да бидат споделени. Секое дело е како парче од ноќта, дел од мисла, чувство или желба што сум ја претворила во форма, боја и линија. За мене сонувањето не е бегство од реалноста, туку начин да ја откриеме нејзината подлабока вистина. Секое дело носи шепот на моја внатрешна приказна, но и простор набљудувачите да најдат во нив своја. Присутните гости имаа прилика да сонуваат заедно со мене, да го пуштат погледот да талка, срцето да прашува, а душата да одговара. За мене сонувањето е патување, а уметноста е начин преку кој тоа патување добива форма. Така да преку мојот ликовен израз го доживеавме сите заедно моето продолжување на сонувањето, а искрено се надевам дека секој од присутните си пронајде во моите дела и делче од својот сон, вели Стаиќ.

Изложбата за посетителите ќе биде отворена до 2-ри септември, а влезот за истата е слободен.

Инаку, Стаиќ е по потекло од Штип, а од 2010 година живее и работи во Охрид каде активно учествува во проекти за ликовно естетска едукација на младите во соработка со Младински центар Охрид, Културолошка иницијатива 5 до 12, Музеј Култура 365… Во 2016 година се вработува како професор по ликовна уметност во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ каде работи до денес. Позната е по сликање на мурали, внатрешно  естетско уредување на приватни и јавни установи. Карактеристично е и нејзиното сликање на текстил и реставрација на стар мебел.

Дипломира на Факултетот за применета и ликовна уметност во Скопје. Има учествувано на многубројни самостојни, групни изложби и ликовни колонии во  Македонија.

Н.С.Ј.