Кога ќе минат години исполнети со обврски од различен вид, тогаш не очекува резервирано седиште во возот и тоа во последниот вагон т.н. трето доба, повеќе употребувано како пензија. За неа често се зборуваше додека траеше работниот век, со надеж дека таа ќе биде најубавиот период во кој ќе нема на никој да му дозволиме да ни го нарушува мирот од деновите што се пред нас.

Индивидуално се користи ова патување бидејќи е поттикнато од многу фактори од нашиот живот, нашиот став кон нас самите, како и синџирот од алки кон луѓето со кои дотогаш сме се среќавале на работното место, со учениците конкретно во мојата професија, со моите најмили – членовите од моето семејство.

Акцентот на секој од нас кој веќе припаѓаме на ова трето доба или патници во последниот вагон од возот го ставам на ,,мигот” од секојдневието. Годините оставиле траг на нашето лице, раце, движењето, но тоа воопшто не е приоритет во споредба со ,,мигот” за кој сакам да Ве поттикнам да живеете. Тој ,,миг” и таа среќа искажана со вербален или невербален говор, со почит која зрачи од очите, од допирот (ракување, прегратка, поздрав) не може да се спореди во никој случај со најскап подарок.

Материјалните нешта отсекогаш лично за мене не биле на пиедесталот на победата, т.е. на прво место. Тоа не е натпревар! Среќата од доживеаниот ,,миг” ќе ја почувствувате кога ќе ја дадете со збор кој во целост е соодветен каде се наоѓате и со кого комуницирате. Можеби во училиште, во маркет, во аптека, болница, банка пошта, паркиралиште…

Луѓето се вчудоневидуваат од благодетот н исказот: Ви благодарам, се извинувам, Ви посакувам убав ден, сѐ најубаво, Ве поздравувам. Ете, на тој начин без разговор за поскапувања на цени и да не набројувам за низа информации кои се во негативна конотација за нашето живеење. Вие без пари ќе бидете среќни и исполнети доколку дадете од себе и секако примите за возврат. Не очекувајте други да ви го усреќат денот со барем еден миг, не, направете си множина од мигови. Минете време разгледувајќи семејни фотографии, гледајте низ прозорец доколку погледот ве релаксира, слушајте музика од Вашата младост, гледајте ТВ емисии по ваш избор. Обидете се, иако не е лесно! Потребен е миг за да почнете да реализирате барем нешто од горепосоченот за добро да се чувствувате!

Можеби вашето хоби:шиење, плетење, везење ќе Ве исполни, како мене кога бев во можност тоа да го работам. Или можеби различен вид спортски активности…..Палетата од миг се претвори во час, во ден и денови кои во патувањето треба да Ви овозможат радост, задоволство, исполнетост, возбуда, љубов, изобилство од прекрасни чувства по што ќе следи сладок сон.

Со почит кон сите патници од трето доба во нашиот последен вагон, со надеж дека можеби ние ќе бидеме или веќе сме шлагот на тортата кој секогаш се става најгоре!

Снежана Атанасоска

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите