Животот знае да ни донесе непредвидливи сценарија во кои ние сме главните актери. Претходно може ништо да не ни наговестува што се треба да преживееме, како и на кој начин ќе ја одиграме таа улога.  Меѓу зборовите може да се воочи дека станува збор за непријатни, болни ситуации од кои излез било само времето всушност трпението.

Пред повеќе од пет децении прв пат ги чув овие зборови: трпение – спасение. Во домот од една девојка која тој ден беше на свадба кај својата другарка, беше среќна, но повеќе тажна бидејќи ќе нема со кого да излегува, да се дружи, мајка и и рече: Не тагувај и ти ќе запловиш во брачни води, само трпение, ќерко – спасение! Набрзо оваа девојка се омажи; создаде среќно гнездо со својот животен сопатник и нивните деца.

Често во животот кога ќе наидев на камен на сопнување од различен вид веднаш во мислите ги слушав зборовите од нејзината мајка. Тие ми даваа сила да издржам не само јас туку и мојот животен сопатник и моите деца. Трпеливоста, желбата и визијата дека ќе минат како на филмска лента тогашните препреки, денес со насмевка на лицето се воодушевувам како сме можеле сето тоа да го минеме?

Моите деца секогаш ги охрабрував да истраат, да учат, да вложат огромен труд како основа за спасение од вложеното трпение. Сите оние кои ме познаваат сеуште се изненадени од мојата храброст, трпение кое сме го минале заедно пловејќи во брод кој го носат силни ветрови и бранови.

Преку овој искрен текст кој го напишав во еден здив, сакав да им посакам на читателите да стекнат самодоверба, храброст, издржливост, се тоа зачинето со континуирано трпение кое некогаш може да трае и години очекувајќи го спасот на успехот.

П.С. Животната школа ме научи дека работата, одговорноста при извршување на животните предизвици, целосно давајќи се себеси и трпеливоста ми го овозможија овој благодет на спасение.

Среќна сум што постојам, живеам, комуницирам и се радувам на секој нов ден!

Снежана Атанасоска

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите