Во присуство на голем број јавни личности, меѓу нив претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претседателот на Албанија Бајрам Бегај, претседателот на Владата на РМ, Христијан Мицкоски, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници на дипломатскиот кор, како и вљубеници во културата и уметноста на исполнетиот Антички театар во Охрид беше свечено отворено јубилејното 65. издание на реномираниот фестивал „Охридско лето“.
По традиција, свеченото отворање беше проследено со интонирање на фестивалската химна и палење на фестивалскиот оган.
Најзначајната културна манифестација во земјава уште еднаш блесна со сиот свој сјај, а древната арена зрачеше со енергија каква што може да се почувствува само во овој уникатен амбиент.
„Охридско лето“ за отворено го прогласи претседателката на државата, која истака дека вистинската уметност не е рамнодушна, туку длабока хумана, не е привремена, туку е безвременска, а Охрид е град на вековни дијалози каде минатото комуницира со сегашноста.
65 години „Охридско лето“ е нашето скапоцено уметничко огледало, престижен уметнички центар. 65 години уметноста влегува низ охридските порти и кружи низ градот. Како што древниот Охрид е вечен со своите напластени културни и диховни и цивилизациски слоеви, така и фестивалот „Охридско лето“ израснува во препознатлива традиција никната врз цврсти темели и доградувана преку уметнички мостови на обедување, будејќи го убавото, хуманото и културното. Охрид е еден. Не постои уметничко лето како охридското, не постои фестивал како охридскиот. Да ги отвориме срцата, да и дозволиме на уметноста да не зароби и да не преобрази. Да и се препуштиме на новата фестивалска идила, рече Сиљановска-Давкова.
Ова не е само фестивал ова е духовен завет, жива врска помеѓу минатото и иднината меѓу сјајот на Охрид како вечна духовна претстолнина и негова модерна европска културна виталност, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Денес 65 години подоцна се сеќаваме на оние први храбри чекори кога рециталот на Ана Липша Тофовиќ во црквата Св. Софија го означи раѓањето на нешто што прерасна во симбол на достоинството, уметнички престиж и државна визија за културен индентитет. „Охридско лето“ не е само фестивалска програма. Тоа е хроника на незаборавни уметнички средби, духовен календар на едно народно живеење што секое лето блеска во својата најубава форма. Овде уметноста не се изведува, таа се случува, се памети, се вградува во нашата колективна културна меморија. Годинава во духот на мотото „Транформација на сетилата“ токму таа улога на уметноста да не преобрази, да не издигне, да не извади од древните сенки ќе ја почувствуваме уште на самото отворање. Тука сме за да ја потврдиме нашата верба дека култрата е темел, а не додаток, јадро на нашето постоење, додаде Љутков.
Под мотото „Уметноста транформира“ годинава создаваме една нова, модерна и креативна културна вредност како дел од вековната традиција на Фестивалот, рече директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски, посочувајќи дека мисијата на фестивалот е да сплотува, да инспира и транформира.
Уметничката порака беше испратена од страна на актерот и режисер Ѓорѓи Јолески, кој истакна дека честа да се отвори фестивал како што е „Охридско лето“ е чин на пркос во свет каде се се мери, едноставно уметноста неможе.
Овде сме вечерва поради нешто што не може да се купи ниту да се измери, а тоа е присуството, доживувањето, смислата, макар и за миг. Дојдовме овде покрај ова древно езеро, во градот на Свети Климент, не само да отвориме уште едно Охридско лето туку да му дадеме смисла во време кога зборот се губи во бучавата, а амислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор, неагрсивен, не бучен, туку контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што мислиме дека е најважна, туку затоа што е неопходна, посочи Јолески.
Фестивалот, што секоја година нуди содржина со особен квалитет, оваа година го отвори американска пијанистка со блескава уметничка кариера, Клер Хуангчи која настапи под диригентска палка на Едвин Оутвотер, заедно со уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија.
Публиката уживаше во посебно уметничко доживување, музичко-визуелно патување со импресивни видеопроекции и употреба на најсовремени визуелни технологии за кои беше задолжен дизајнерот Рафаел Карико.
Од утре, во наредните 40 дена Охрид ќе биде домаќин на уметници од целиот свет кои ќе понудат бројни врвни уметнички содржини од областа на музиката, театарот, балетот и визуелните уметнички доживувања.
Фестивалот „Охридско лето“ се одржува под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова и со поддршка на Министерството за култура, Општина Охрид, како и голем број спонзори, помагатели и пријатели на фестивалот.
Н.С.Ј.