Свечено отворено 37-то издание на интернационалната културна манифестација „Поетска ноќ во Велестово” во рамки на која ќе настапат шеснаесет поети, музичари и уметници од вкупно од шест држави (Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија).

Програмата започна со поетскиот портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во македонската современа поезија, по што следуваше интернационалното поетско читање „Имаго“, на кое настапија поетите од странство.

Пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков кој истакна дека во денешниот свет на брзи зборови и мисли во кој доминираат технологијата, виртуелната реалност и вештачката интелигенција, поезијата е една мала искра која блеска силно во тишината на нашите емоции.

Нејзината светлина е кратка, но има моќ да ги разбуди љубовта и надежта во нашите срца. Таа е повик да го почувствуваме сето она што сме заборавиле да го чувствуваме. ‎Поетската ноќ во Велестово не е само културен настан, таа е е светилник на македонската поезија, но и на културниот живот на Охридскиот регион и пошироко. ‎Нашата локална самоуправа, ќе продолжи да дава поддршка за овој поетски настан и ве уверувам дека и понатаму ќе стоиме зад ваквите убави проекти кои ја чуваат културната традиција на Охрид, додаде Пецаков.

Во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово беше отворена и изложбата „Непредвидливи соочувања“ на академскиот сликар Стефан Младеновски, а музичкиот дел го пополни Игор Климоски, музичар од Велестово.

Денес со почеток во 19 часот во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово ќе се одржи промоција на стихозбирката „Зебрано“, избор песни од Мирослав Кирин (Хрватска) во препев на Славе Ѓорѓо Димоски, издание на „ПНВ Публикации“, а од 20 часот „Мозаик“ ‒ интернационално поетско читање со учесници од Бугарија, Ирска, Азербејџан, Романија и Македонија.

Утре во кафе и бар Шила во  18 часот ќе се одржи промоција на стихозбирката „Како сон“, избор песни од Фарид Хусеин (Азербејџан), во препев од англиски на Јулијана Величковска, издание на „ПНВ Публикации“, додека во 19 часот „Мозаик #2“ ‒ интернационално поетско читање со  учесници од Хрватска и Македонија.

Постерот за годинешното издание на фестивалот е посветен на пеперугите на Галичица, со цел да се подигне свеста за нивната заштита. Автор на постерот е Андреј Павлов.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам, од Општина Охрид и од Комерцијална банка АД Скопје, гостувањето на поетесата од Ирска е помогнато од Литературниот центар Мунстер од Корк и Советот за уметност на Ирска, а гостувањето на поетите од Хрватска е поддржано од Хрватското друштво на писатели и е дел од книжевната размена меѓу Поетска ноќ во Велестово и „Стихот во регионот“ (“Stih u regiji”), Загреб.

Н.С.Ј.