Разговор со повод: Веле Митаноски, пензиониран новинар, сведок и учесник на политичките случувања – речиси половина век, посебно во независна и самостојна Република Македонија.

„Како новинар ме создаде Охрид – нему славата!“ 

OhridNews: Со завршувањето на овие претседателски и предвремени парламентарни избори, ќе влеземе во 25-та година, или четврт век од почетокот на политичката транзиција во Република Македонија, односно периодот на изградба на земјата во независност, демократија и слободни избори. Што донесе овој период, колку се постигнати целите, колку се одлепивме од еднопартизмот? OhridNews за соговорник и човек кој ќе се обиде да даде одговори на овие прашања, го побара пензионираниот новинар, жив сведок – како известувач, но и активен учесник преку неговиот, како што самиот вели, краток излет во политиката? Најнапред оценката: Потрошен ли е залудно овој период од речиси 25 години?

Веле Митаноски:Генерално не е потрошен, иако многу години и очекувања ги изеле скакулци. Република Македонија, сепак, е демократска земја, со сите слабости и недоследности. Членка е на ООН, со стекнат кандидатски статус за ЕУ, за жал, не и со започнати преговори. Тука, објективно, многу заостануваме, дури и пред оние земји за кои бевме запад, во секој поглед. Се сеќавам на еден митинг на Бранко Црвенкоски во Центарот за култура “Григор Прличев”, од раните деведесетти години, на сега веќе минатиот век, кога лидерот на СДСМ со индигнација одби да се споредува со Бугарија и Романија. Сами знаете каква е денеска ситуацијата, распоредот на земјите од Балканот. Нас не ставија во групата Западен Балкан, сега се бара друга, поминијатурна одредница, бидејќи Албанија стана членка на НАТО, Хрватска и на ЕУ, Црна Гора е на прагот, Србија ги почнаа преговорите по одделни поглавја. На економски план живееме под стандардот од 1990 година, така што нема многу основа за триумфализам. Се уште сме земја во која царува криминал и корупција, но од тоа е полошо што заостануваме во демократизацијата на земјата. Во корпусот на медиумските слободи, за жал, дури и назадуваме.

OhridNews: Ги следевте како новинар сите изборни случувања. Каква паралела можете да подвлечете меѓу атмосферата денес и онаа од 1990 година?

Веле Митаноски: Како новинар се сеќавам на првиот митинг на новосоздадената ВМРО ДПМНЕ во Охрид и атмосферата што ја создадоа Драган Богдановски, односно Љубчо Георгиевски. Оваа партија денеска се откажа од своите политички икони, но не и од традицијата – митинзите, изборните кампањи, секогаш да ги започнува од Охрид. За жал, или за среќа – сеедно, јас на првите демократски и слободни избори и директно учествував на една од тогашните мнозински изборни единици во Охрид. Мислам дека тогаш го носеше бројот 49. Во првиот круг освоив околу 4.500 гласови, најмногу во земјата – и од сите што влегоа и невлегоа во парламентот. Во вториот изгубив, за само десетина гласови. Толку му требаа на тогашното ВМРО ДПМНЕ да додаде во една украдена кутија, толку му требаше на еден охриѓанец – 4 години да седи во парламентот, со украдена победа, со туѓ резултат. Ако воопшто има совест, би требало да му тежи тоа до крајот на животот!?


Митаноски пред години во разговор со легендата на југословенското новинарство Предраг Милојевиќ

„Ме покрадоа “туѓите” – ме продадоа “своите”!“ 

OhridNews: Како е можно да се изгуби со 4.500 гласови во првиот круг и со предност од 2.500 гласови пред второ пласираниот?

Веле Митаноски: Тука има повеќе елементи и треба многу простор за вистински одговор. Но, најкратко што е можно. Беше тоа најголемата изборна единица во земјата, со близу 20.000 гласачи. Колку за илустрација. Во Ресен, заедничкиот број на двајцата кандидати што влегоа во парламентот, беше помал од оној што јас го изборив во првиот круг!? Но, беа тоа први избори, имаше многу објективни слабости. Сепак во мојот случај, се работеше за јасна кражба, за жал, претходно договорена и од внатре, од нашата партија – потпомогната.

OhridNews:Имате ли аргументи за ова?

Веле Митаноски: Јас нема да заклучувам, ќе го оставам тоа на вашите читатели. Ќе ви дадам доволен број аргументи, што како сознанија, што како прашања. Деновиве, јавноста беше потсетена на тие случувања, од директни учесници во нив беше потврдено дека “се случило во некоја изборна единица целата гласачка кутија да ја снема, а тие ја вратија полна!”. Тоа е добро, за да се надминат некои недоумици. Но, ако веќе ги портретираме тогашните состојби, добро би било да си ги насликаме и сопствените автопортрети! Ние, како актери, сме должни да дадеме одговори на некои прашања: Кој и зошто ја договори кражбата (кутијата беше од избирачкото место во старото гранапче на Круме Мостро, во Долна Влашка Маала)? Како се случи, на ист изборен ден, со исто гласачко тело, да ја добиеме комплетната локална власт, со мнозинство во Советот, а сите пратенички места да бидат изгубени, моето најдрско – украдено? Кој и зошто едно избирачко место од мојата едниница, смислено и свесно, го остави цел ден празно, без наш контролор, за да можат ВМРО-овците да го полнат – како што сакаат и колку што сакаат!? Мој контролор беше наш колега, за жал веќе починат, кој цел ден не се појави таму. Без мое знаење! Избирачкото место беше во зградата на Шумското стопанство “Галичица”. Подоцна се појавија и други елементи кои фрлија светлина на тие случувања. 

OhridNews: Тоа би биле сеќавањата на Веле Митаноски како политичар. Дали се сеќавате на таа 1990 година како новинар? 

Веле Митаноски: Секако, јас бев и политичар и новинар. Тогаш работев за Танјуг, југословенската телеграфска агенција и известував за Западна Македонија и Албанија. Во Македонија се будеше демократската пролет, претходно зачната со “Вевчанскиот случај”, од каде исто така известував, во Албанија се рушеше режимот на Енвер Хоџа. По признанието на Сали Бериша, првото интервју со странски новинар, како лидер на ДПА, го направил со мене. Според евиденцијата на Танјуг, првата вест во светот за рушењето на споменикот на Енвер Хоџа, ја направил Веле Митаноски. За мојот извештај, директно во дневникот на МТВ по повод истиот случај, МТВ доби десетици бесплатни извештаи во мегународната размена. Директор беше мојот пријател и големо име во надворешното политичко новинарство, Тихомир Илиевски.

Што се однесува на нашите избори од таа година, се сеќавам известував за првиот митинг на ВМРО ДПМНЕ. Се одржа кај Стариот чинар, на него говореше идејниот создавач на партијата Драган Богдановски, се сеќавам на неговите зборови дека “до победата ќе дојдат на мечот на цар Самуил”. Идејата за ВМРО ДПМНЕ ја крена Драган Богдановски. Јас имав многу информации, за случувањата во Берлин, во меаната “Ново Скопје” на Гојко Јаковлески, бидејќи во Охрид другарував со Стефан-Мајка, исто така директен учесник – бевме и комшии, а тој еден од сведоците на тие настани. Се сеќавам и на една изјава на Владимир Голубоски, дадена на Радио Охрид: Кога ќе дојдат на власт, ќе им ги дадат сите права на Албанците (во иронична смисла кажано), што подоцна беше трансформирано како: Ќе им ги исечат ноктите, алудирајќи на двоглавиот орел!

OhridNews:Во каква атмосфера се одвиваа наредните избори, 1994 година и каква беше тогашната улога на Веле Митаноски?

Веле Митаноски: Повторно беше двојна: Учествував и известував. Како револт од случувањата во 1990 година, јас се кандидирав како независен пратеник во 1994 година. Не го информирав лидерот Црвенкоски, му кажав само на претседателот Киро Глигоров. Тој тоа не го одобри, но јас бев упорен. Влегов во вториот круг, со поприлично гласовно салдо, веднаш после двете големи партии, но се повлеков во вториот круг, со писмено известување до ОИК, откако тоа го направија Петар Гошев и Љубчо Георгиевски. Знаете, јас и во 1990 година бев на избори со Гошев, тој беше лидер и 4 години подоцна го следев неговиот чекор. Во него многу верував и денеска верувам. Во 1994 година, по мое сеќавање, беа спроведени едни од најкриминалните избори досега. Активистите од СДСМ во вториот круг, можеа гласачките кутии да ги полнат и со лопата, без никаква контрола! Пратеник стана еден поранешен градоначалник, уште од времето на комунизмот, за кого и градоначалничкото место беше фалсификувано. Без никаква контрола и владееја, а казната ја платија 4 години подоцна.

OhridNews: Ви забележа ли Глигоров за “предавството” и од кога ви се контактите со него?

Веле Митаноски: Официјално никогаш, иако останавме во контакт се до пред смртта. Јас често го посетував и во Кабинетот како поранешен претседател, во една од старите кули – во Трговскиот центар во Скопје. Претпоставувам, не му беше драго. Знаете, луѓето се суетни, и колку да се големи. Со него се знам некаде од осумдесеттите години на минатиот век. Знаете, тој имаше куќа во Охрид, јас одев таму, тој не дошол никој пат дома, иако повеќепати дојде во ресторанот што го држевме со еден од браќата, на “Туристичкиот булевар”, на спрат во една од коцките на “Гранит”. Имавме и заеднички пријатели, сме излегувале и заеднички – на ручек, или вечера, на пример со покојниот Крлески – заедно. Заедно со Крлески, ако се сеќавате, јас му бев промотор на неговите книги во Охрид. Пријателка ми беше и неговата ќерка Донка, уште и колешка. Јас работев во Танјуг во Bелград , таа во “Радио Југославија”. Со Глигоров, за прв пат седнавме во студиото на “Радио Охрид”, кога бев директор. Дојде со внукот, синот на Донка, мислам се викаше Иван. Тогаш немаше никаква функција, освен што беше член на Совет на федерација, некаква почесна функција – за пензионери. Едноставно, го видов пред старата стоковна куќа и го поканив. Два часа разговаравме. После се среќававме на некакви предавања во Охрид. Тогашните југословенски весници, подоцна сpпски, многу објавуваа за него, јас го користев тоа.

OhridNews: Може ли да се каже дека останавте “Кировист” со оглед што, во негова одбрана, во колумна жестоко го нападнавте Тодор Петров?

Веле Митаноски: Може да сум “Кировист”, колку што сум и “Бранковист”. Ова примете го во шега. Се разбира дека многу го почитував. Ќе споделам едно сеќавање кое е присутно во моите книги, но вака јавно, прв пат го кажувам. После она што ми се случи во 1990 година, јас во зградата на Комитетот, нели така го викавме седиштето на СДСМ, не влегов се до смртта на Глигоров. Со мој пријател од Скопје, новинар, шетавме по кејот, кога ни кажаа дека горе има книга на жалост. Се качив и затекнав ваква состојба. Книгата беше на големата маса во ходникот каде се одржуваа состаноците, а внатре во една од канцелариите беше токму оној кој ме оддалечи од таа куќа и таа партија. Сеедно што во меѓувреме добив и висока функција во Скопје, но тоа беше по личен избор на Црвенкоски, без никаква препорака и мислење од Охрид. Дури и таму, првиот платен налог што го потпишав, беше по барање на Глигоров, за финасиска помош за весникот на Македонците во Бугарија “Народна Воља” на Ѓорѓи Пирински. Но, да се вратам на случајот. Во истиот момент, кога се потпишувавме во книгата, едно момче со долга коса, од ромска-египетска националност (вработен е сега во локалната самоуправа), качен на масата, менуваше сијалици – плафоњерки. И како што газеше по масата, така ја преместуваа книгата на жалост, а овој на масата ја прескокнуваше!!! За жалоста да биде уште поголема, вака жалеа во седиштето на СДСМ во Охрид. За човекот со книшката со бројот 1(еден). Нели, со тоа се гордееја и го злоуптребуваа.

OhridNews: Од кога ви се врските со Георгиевски, нешто за тоа сведочите во вашата книга “Рани спомени”?

Веле Митаноски: Првиот контакт со него го имав како новинар, откако го основав “Супер радио”, во пресрет на првите претседателкски избори, кога кандидати беа Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски. Тогашниот лидер на ВМРО ДПМНЕ гостуваше кај мене во програма во живо. Се сеќавам, беше тука и татко му Томе, со кого малку пријателствувавме, се лечеше во болницата за дијализа во Струга. Стојче, газдата на “Стар Чинар” доднесе шише виски (не од пред 25 години!). Во разговорот во кој вклучувавме слушатели и одеше во живо, незнам како јас му “посоветував” на Љубчо, да си го кандидира Глигоров и глатко да си победи на изборите. Знаете “Кировист” до коска. (Попатно: На еден разговор во студиото на А1 прашува Џорџ Сорос: Дали има јавност во Македонија. А јас од топ: Нема затоа што нема потреба, ја супституира Глигоров со својата популарност!!!).Да се вратам на Георгиевски. Тој тоа го свати како навреда, беше готов да го прекине разговорот, се сеќавам една слушателка, мислам дека беше мајката на музичарот Четкар, во програма кажа дека идејата не е лоша. Јас направив непланирана пауза. За паузата татко му рече дека не треба да го напушта разговорот. Малку подсмирен Љубчо вели: Дури и да го предложам, тој нема да прифати да биде наш кандидат. Е, во тоа не верувам, му велам! Многу подоцна, откако ги изгубија изборите, еден нивни пратеник, мислам дека се прозиваше Луковски, во “Фокус” кај Никола Младенов, нашироко ја образложи мојата теза околу Глигоров.

OhridNews: Дали со Георгиевски сте размениле мислења околу изборните случувања во 1990 година?

Веле Митаноски: Нокојпат. Јас не сакав да сесеќавам на тоа. Има и видео материјали, кои до ден денес немам сили да ги погледам. Само спорадично, подоцна до мене допираа гласови како е извршена и со кого е договорена кражбата, од луѓе што го направија тоа. Му припаѓаат на оној круг околу “Заштитните комитети”, од Долна Влашка Маала. Знаете на кои војводи мислам! Со Љубчо почесто се среќававме во парламентот, во исто време бевме пратеници (2006-2008), а подолго, за политички прашања, разговаравме еднаш по негово барање, во 1998 година, пред парламентарните избори.

OhridNews: Дали некој пат ви понудил да бидете на негова листа?

Веле Митаноски: Никој пат, ниту сум дал повод за тоа. Тој знаеше дека јас сум далеку од неговата политичка опција. Но, во меѓувреме се случи средба, што беше некаква чест кон мене. Беше тоа во пресрет на парламентарните избори во 1998 година. Јас бев пријател со Д-р Васил Тупурковски. Се гледавме во Скопје, во Охрид често доаѓаше, дури во една прилика се најдовме и во Вашингтон, каде јас бев на едномесечна обука во ВОА (“Гласот на Америка”) како гостин на нивната влада. Георгиевски посакал да чуе мислење од мене околу најавената коалиција со Демократа алтернатива на Тупурковски. Се состанавме во хотелот “Палас”. Случајот сакаше во аулата на хотелот да се сретнеме токму со оној за кого ми ја украдоа победата во 1990. Но, нејсе, јас тоа го одобрив и му го препорачав на Георгиевски, се сеќавам со зборовите: “Тоа ќе ти ја оплемени партијата!”. “Па, не сме ние дивјаци”, Веле, забележа остро. Можеби не сте, му велам, ама малкумина при памет ќе ви се придружат, кога партијата ви ја препознаваат по тие и тие. Му наведов двајца-тројца охриѓани, тогаш по име. Направија коалиција, победија, направија и влада. За жал подоцна Љубчо со пари му ги купи пратениците на Цилета – наш. Толку е отпорен човечкиот материјал!

OhridNews: Во вашата книга “Рани спомени”, една одломка носи наслов: “Близок со Црвенкоски – далечен со СДСМ!”

Веле Митаноски: Јас веќе ви кажав дека по личен избор на Црвенкоски бев директор на Агенцијата за информации на Република Македонија (пред тоа министерство), уште и еден период шеф на Канцеларијата за односи со јавност во Владата. Игор Иваноски-Шема ја презеде од мене Канцеларијата. Нема да ми верувате ако ви кажам дека јас на таа функција отидов без претходен договор со Црвенкоски, без ниту телефонски контакт. Дека од вестите на МТВ разбрав дека владата ме именувала за тоа место! Е, сега како се случи. Во тоа време генерален секретар на партијата беше Ѓорѓи Спасов. При еден престој во Скопје, пријателот и колега Зоран Иванов (во меѓувреме веќе беше поставен за директор на МИА), ми вели ајде да појдеме до Спасов, да му кажеме дека би било добро ти да дојдеш за директор на Агенцијата. Спасов тоа го изнел на Претседателство и така тоа се случи.

OhridNews: А како се случи, една друга одломка од вашата книга: “Мојата политичка романса со Црвенкоски, заврши во хотел “Балгарија” во Софија”?

Веле Митаноски: Нема да ви говорам детално за тоа, се уште е рано, иако во книгата има некои назнаки. Но, за да го разберете насловот на тој дел од книгата, треба да го прочитате насловот на еден друг дел. А тој вели вака: “Со светот владеат мажите – а со мажите жените!”. Има уште еден наслов, за сеќавања од најраното детство, кога дедо ми ми велеше: “Волкот не зема јагне од каде што лежи!”. Во народот, пак, има поинаква формулација: “Не се вади она другото, онаму каде се вади лебот!”. Мислам дека сум ви кажал се, иако, можеби, ништо не сум ви кажал!

OhridNews: Но, во мегу време, ви се случи уште една “политичка романса”?

Веле Митаноски: Не само што се случи, туку и неславно заврши. Незнам – можеби проблемот е во мене. Или, премногу давам, или премногу очекувам. Можеби сум и премногу наивен. Во секој случај, има од се по нешто. Знам дека алудирате на Тито Петкоски и НСДП. За тоа и дефинитивно излегов од СДСМ. Ги известив со писмо (му го предадов на сегашниот генерален секретар Оливер Спасовски), истиот ден бев разрешен во владата. Премиерот Бучковски беше на пат во Загреб, Шеќеринска ме почести со потписот на одлуката. НСДП почнавме заедно да ја градиме со Петкоски. Тој дури инсистираше да останам во Агенцијата за да сме ги користеле ресурсите, мислејќи дури и на возилата. Јас отворено му кажав дека ресурсот сум јас и дека на два стола нема да седам. Една година работев за партијата без денар надоместок. Иако тој персонално стоеше зад идејата, сите координати и белези на НСДП го носат мојот потпис. Од првата верзија на Статутот, преку заштитниот знак, до Програмската платформа која лично ја поднесов на основачкиот конгрес. Кога јас го градев медискиот имиџ на партијата, имавме рејтинг од 7 посто, денеска никој не ја споменува, во ниедна анкета за рејтинзи. За 7 месеци постоење, направивме 7 пратеници. Самиот бев носител на листа во “Четворката” и изборив мандат. Но, се случи тоа што се случи. Ја продадовме партијата за едно струшко здолниште и за еден охридски студентски бруцош!

Новинарството – живот и професија, политиката -попатна станица!

OhridNews: Кога денес ќе подвлечете линија каде себе ќе се најдете – во новинарството, или политиката?

Веле Митаноски: Не треба размислување за тоа. Новинарството е целиот мој живот. Не само професионалниот. Ако го пресметам и “стажот” како средношколец во “Јужен Бран”, гимназиското гласило, тоа е полoвина век. Во новинарството, посебно во Танјуг, јас го достигнав својот зенит, својот професионален Олимп. Од Македонија имаше уредници на Редакции, но јас сум реткиот кој заврши со статус и решение: “Уредник Агенције”. Се разбира, никогаш не ги достигнав величините на Зоран Дограмаџиев, но бев далеку над некои други “величини” што ги знаете од Македонија. За еден пак што го испративме во Австралија, директорот Михајло Шарановиќ јавно кажа дека таму “сме пратеиле Македонец, а не новинар!”. Политиката за мене била само попатна станица. Додека бев во Агенцијата за информации јас останав и практично новинар. Со новинарските производи што таму ги внесов, со начинот на кој ја водев. Се сеќавам на една посета со премиерот Црвенкоски во Атина. Бевме на еден собир на угледниот “Економист”, домаќин ни беше Дора Бакојани. Новинарската делегација за прв пат, беше од “мешан” состав. Нашите колеги од “провинцијата” му кажаа на премиерот дека за прв пат се случило некој новинар надвор од Скопје да оди со него надвор од земјата. Така беше и со студиските групи што ги составував за престој во странство. Еден наш колега од Охрид беше 20 дена гостин на Владата на Египет, сигурен сум дека до крајот на животот ќе го памети тоа. Новинар бев и како пратеник, редовно пишував колумни.

OhridNews: Зошто напишавте во нигата дека и тоа што бевте пратеник, ви беше разочарување?

Веле Митаноски: Затоа што во парламентот влегов со уверување дека таму ќе го најдам цветот на македонската нација. Дека влегувам во храм, не како што обично се мудрува – храм на демократијата, туку како во вистински црковен храм, каде се луѓе со доблести и човечност. За жал од парламентот излегов со сознание дека таму, со секоја чест на исклучоците, го најдов – не велам злото, ама, во секој случај, далеку од она што го очекував. Тоа е навистина поразително сознание, но тоа е така.

OhridNews:Често за себе велите дека ве создаде како новинар Охрид, амбиентот, мислите на настаните – најверојатно? Како ја оценувате медиумската заедница во Охрид? Велат дека Охрид ја има ако не најбројната, тогаш една од најдобрите – во земјата. 

Веле Митаноски: Се согласувам дека Охрид има, најверојатно после Скопје, ако не најбројна, тогаш најдобра медиумска заедница. Но дозволете малку да ве исправам. Не ја има Охрид, туку ние од медиумската заедница го имаме Охрид – за да не направи такви, успешни. Со амбиентот, со настаните што тука се случуваат. Мој став е дека настаните го прават новинарот, а не обратно. Кога е обратно, кога новинарите прават настани, тогаш тоа завршува трагично. Имаше еден случај во Јужна Америка – телевизиски новинар, убиваше за да пишува за тоа. Имавме и случај во Македонија, во Кичево, иако на суд тоа не се докажа, со мојот драг колега Владо Танески. После Вевчани, заедно со него го прогрмев “Случајот Студенчица” (исто за води). Што да ви кажам, попитома душа не сум сретнал. Ама…. Да заклучам, сите ние од Охрид, посебно ние новинарите, треба да му се заблагодариме на градот што не создал, не издигнал во тоа што сме. Поради Охрид, а не поради себе си, јас сум имал прилика да се сретнувам и да разговарам со луѓе од светската политика, со претседатели од сите балкански држави, крунисани глави – се до принцот од Велс, бизнисмени – се до првиот човек на Светската банка Вулфенсон, за Сорос веќе ви кажував (му бев домаќин во ресторанот кај Бонката), џет-сетот, се до Неоми Кембл и тн. Ако останев во моето Црвена Вода, ќе разговарав со орлите и со волците!!!

OhridNews: Вие создававте добар дел од охридската медиумска заедница?

Веле Митаноски: Вашето прашање, дефинитивно, ми делува како најголемо признание, како сатисфакција за сиот мој труд. Некои признаваат, некои не, но јас од “Радио Охрид” направив, тогаш велеа втора куќа после Радио Скопје. Беше тоа расадник на новинари. И денеска се врвни во професијата. Подоцна го направив “Супер радио”, низ него минаа бројни колеги. Подоцна “Инпрес”, пред тоа “Интервју” со Милован Стефаноски, за жал кратко излегуваше. Ако останало нешто – некој печат, некое наследство, тогаш е вредно што сум живеел и работел во таа професија.

OhridNews: Живеете во Охрид, тврдите дека Охрид ве создал, а мечтаете за вашето Црвена Вода. Од каде таа поврзаност?

– Сечие кратко патување на оваа земјина кугла, секој краток престој на нејзе, почнува и завршува од местото каде што сте тргнале. Секој камен тежи, онаму каде што природата го поставила. Кога ќе го откорнете, ќе го растркалате, тој веќе не тежи – лесен е како пердув. Неспорно е дека Охрид ме изгради како новинар, како што е неспорно дека Црвена Вода, и без да знам, ми ја дала, ми ја определила животната, а на некој начин и политичката определба. Со комшилакот и прикаските за Ванчо Николески. Со кажувањата на дедо ми Ангеле за партизаните и за Петре Пирузе – Мајски, тогашен чест гостин во домот на моите родители. На раскажувањата на другиот дедо, Дојчин – илинденски војвода. Е, сега, вистинското прашање е дали јас доволно им возвратив на Охрид и на моето Црвена Вода? Тешко дека јас би можел да го дадам вистинскиот одговор. Тоа ви го оставам вам и на времето.

OhridNews: Не ве прашувам случајно. Кога на “Гугл” денеска ќе кликнете: “Црвена Вода” – излегува Веле Митаноски. Кога, пак, на “Википедија” ќе напишете “Веле Митаноски” – излегува: “Човекот што знае премногу”? 

Веле Митаноски: Тоа што го велите за Црвена Вода, навистина ми е гордост. Но таму излегува уште едно име – Ванчо Николески. Немам ниту право, ниту заслуги да се споредувам со него. Но колку што можев направив. Ако ништо друго – патот до селото. Ова е прилика да му се заблагодарам јавно на Никола Матлиески-Пашата. Беше тогаш директор на ЕМО. Без ниту еден денар надоместок, ни го даде возачот и огромниот болдужер – Картерпилар, да работи колку што треба и се додека треба. За да се вклучат останатите соселани, најнапред го преполовивме нашиот семеен двор – со трасата на патот. Но, тоа остана. Тоа што го велите за мене лично, за информираноста, јас не сум го напишал. Ќе треба да ги прашате “писателите” – што сакале да кажат? Незнам кој го уредува тоа: Македонци, или Американци. Од друга страна, и не е премногу препорачливо – да знаете премногу. Моите соселани велат: “Колку повеќе знаeш, толку повеќе ќе тргаш! Сакаа да кажат – ќе страдаш!!! Можеби затоa мојата прва книга носи наслов: “Рани спомени”, а втората: “Спомени – рани”!

OhridNews