Приближување на училишната атмосфера и меѓуетничката соработка до родителите, наставниците и учениците од општината, беше главната цел на Отворениот училишен ден, кој вчера се одржа во Основното училиште „Братство Единство“ во Охрид.
Преку пригодна свечена програма и презентирање на низа училишни активности, учениците и наставниците од ова училиште покажаа дека се вистински пример за соживот и толеранација.
Отворениот училишен ден се спроведува во рамки на Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, а ОУ „Братство-Единство“ е едно од шестте модел училишта на ниво на Македонија.
-Во рамките на самиот проект имаме вклучување на сите субјекти во процесот на образование, а тоа значи дека имаме интензивно учество на учениците во различни активности кои се прават со мешани групи и ученици кои учат на различни наставни јазици. Со нив работат наставници кои исто така предаваат на различни наставни јазици, а во низа активности вклучени се и родителите, се со цел во различни насоки да се допринесе во училиштето да се створи една клима во која што сите ученици покажуваат модел на интензивно дружење, појасни Сафет Балажи, координатор на третата компонента од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието.
Директорот на училиштето „Братство Единство“ Муамер Доко во своето обраќање пред писутните рече дека активностите на овој проект се потврда за долгогодишната меѓуетничка соработка која континуирано се негува оваа образовна институција.
-Нашето училиште има колоритен етнички состав и е единствено од ваков вид на територијата на општина Охрид и од своето основање до денес се карактеризира со соживот и почитувањето на различностите. Тоа се предностите кои сме ги наследиле од нашите наставници, а кои ние денес ги пренесуваме на нашите ученици. Би сакал да изразам голема благодарност до целиот наставен кадар кој одговорно, истрајно и несебично се залага за остварување на постигнатите цели и континуираната промоција на нашето училиште, рече Доко.
Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието е четири годишна иницијатива која соработува со сите релевантни образовни институции поддржувајќи ги напорите на Владата на Република на Македонија во процесот на етничко интегрирање. Проектот работи на зголемување на разбирањето кај пошироката јавност за придобивките за сите граѓани што ќе произлезат од интегрирањето на образовниот систем во Македонија.
Е.М











