Учениците од ОУ „Григор Прличев“ од наредната учебна година, дел од наставата ќе можат да ја следат во училница во природа, која ќе се наоѓа во паркот позади училишната зграда.


– Проектот е веќе изработен, а се чека одобрение од локалната самоуправа да бидат исечени неколку суви дрва на просторот каде е предвидено да биде поставена училницата. Ќе бидат поставени дрвени клупи и столчиња, табла, училницата ќе биде заградена и се надевам дека ќе биде интересна за следење на дел од наставата која се изведува во природа, вели директорката на училиштето Силвија Мојсоска.  

Ова е еден од низата проекти кои се предвидени да се реализираат во ова основно училиште, во текот на периодот кој следува.


До локалната самоуправа поднесено е и барање за дислоцирање на реквизитите од забавниот парк кај охридската гимназија, во паркот во рамките на ОУ „Григор Прличев“.

– Поднесовме предлог и се надевам дека ќе биде прифатен од локалната самоуправа, нишалките и останатите реквизити да се пренесат во паркот во нашето училиште со цел да ги користат и нашите најмлади ученици, кои сега постојано ја преминуваат улицата за да поминат дел од слободното време во забавниот парк, вели Мојсоска.

Таа изразува задоволство што годинава, бројот на првооделенци кои ќе се запишат е поголем од минатите години. Во школските клупи од училиштето, во учебната 2013/2014 година, за прв пат ќе седнат над 130 првоодделенци.

Т. К.