Група родители на ученици кои оваа учебна година го завршуваат своето основно образование односно се девето одделение во ОУ „Григор Прличев“ во допис со медиумите се жалат дека училиштето се оградило од организирање на полуматурска прослава.

Како родители на ученици во 9 одделение во ОУ „Григор Прличев“ Охрид не се сеќаваме некогаш училиштето да се оградило од организирање на полуматурска прослава за учениците! Ете и тоа го дочекавме! После две години пандемија кога децата не можеа ни на училиште да одат, сега училиштето се оградува. Му порачала директорката на училиштето на советот на родители: „Ние како школо се оградуваме од организирање на полуматурска прослава, организирајте си се сами како родители, а класните раководители да ги поканите само како гости“, велат во дописот додавајќи дека тие самите ќе им организират на децата дома прослава, но децата сакаат школото да им организира една заедничка прослава и да им ја посвети вечерта.

Директорката на училиштето Лилјана Ефтимовска вели дека се уште работат по протоколите и немаат писмено одобрување за организирање на таква манифестација.

Сеуште работиме по старите протоколи, писмено немаме добиено ништо. Тоа што ние како училиште можеме е да организираме завршен настан во рамките на нашите можности во дворот на училиштето. Од ваков обем организирање како пред Ковид пандемијата не би смееле, бидејќи немаме никаква дозвола на писмено дека ние смееме да се вклучиме во организирање на прославата. Заради тоа оваа иницијатива беше преку Советот на родители тие да си организираат. Ние треба да имаме написмено некакво одобрение за да можеме да организираме, неможеме без тоа да го направиме. Бидејќи станува збор за самофинансирање училиштето дава само поддршка, со тоа што си преземавме обврска наставниот кадар да се вклучи во организација, но сега заради протоколите не смееме, немаме забрана, но немаме ни дозвола, додава Ефтимовска.

Инаку, организирањето на полуматурските прослави е вообичаено во периодот на крајот од учебната година некаде од 8 до 10 јуни.

Н.С.Ј.