По повод патрониот празник „Ванчо Николески“, оваа година учениците и  наставниците  од Основното училиште во Лескоец, организираа несекојдневна мултимедијална  приредба во  НУ Центар за култура „Григор Пркичев“  во Охрид.

Пред речиси исполнетата голема сала на Центарот за култура  во која присуствуваа родители, ученици и претставници на СОНК и локалната самоуправа,  учениците  и наставниците се претставија  во одлично издание, посветувајќи ја приредбата со едно  интересно насловено мото „ТАНЦУВАМЕ, ПЕЕМЕ , СЕ СМЕЕМЕ”.

Во празнично одбраниот концепт имаше  прекрасен избор на  танци, игри и песни, меѓу кои  хорските музички изведби,  инспиративната кореографија  на Виенскиот валцер,    прекрасната соло-изведба  на  песната „What a wonderfoul world“, кореографски изведената  приказна за „Пипи – Долгиот Чорап”, мексиканската Решпа, како и впечатливиот  сплет на етно македонски песни, меѓу кои  „Зајди ,зајди”  и “Твојте очи Лено мори”.

Исто така, изведена беше  и точката  со популарниот  „цигански танц“   и „хитовска  денс  музика“, а сето тоа  проткаено со уникатна кореографија и  раскошна костимографија.

Дел од вечерта  беше резервиран и за хумористично- сатирични изведби  со што  100-минутната  приредба  доби на свежина  и го оправда мотото   на прославата. Приредбата имаше добро  реализиран крај,  во кој на сцената се појавија сите учесници  во разните музички, драмски и хумористични точки.

Инаку, покрај патрониот празник беше прославен и  Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа.

Текст и фото: „Дим Дон“