Во пресрет на верската манифестација во Струга што во чест на празникот „Св. Ѓорѓија Победоносец“ ќе се одржи утре, ОВР Струга ги презеде сите неопходни безбедносни мерки за непречено одвивање на црковната процесија.

На 4-ти мај во просториите на Општина Струга, полициски службеници од ОВР Струга заедно со претставници на црквата „Свети Георгиј“ во Струга, со градоначалникот Рамиз Мерко и други присутни од локалната самоуправа, одржаа работен состанок.

Притоа, беа презентирани сет безбедносни мерки за физичко и сообраќајно обезбедување на настанот, што ќе ги спроведуваат полициските службеници по улиците и сообраќајниците низ градот и беше нагласена потребата од доследно и дисциплинирано придржување до истите од организаторите и сите црковни лица како и од присутните граѓани.

За време на одржувањето на литијата, во периодот од 16 до 19 часот, забрана за сообраќај ќе има на улиците „Пролетерски бригади“ и „15 Корпус“ од каде ќе се врши пренасочување на сообраќајот по другите улици. Истовремено, ќе се врши физичко покривање на поширокиот дел од црквата „Свети Георгиј“ како и целокупната траса по која ќе се движи црковната процесија, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

ОВР Струга апелира до верниците на достоинствено одбележување на овој црковно-верски настан и доследно придржување и почитување на насоките на полициските службеници.

OhridNews