Советот на општина Охрид ги задолжува сите јавни претпријатија во општината да ги испитаат законските регулативи и можности за олеснување на обврските спрема правните субјекти и физичките лица. Во наредните 10 дена дена до градоначалникот и советот, општинските јавни претпријатија треба да достават информација, дали постои законска можност да не се испорачуваат фактури од јавните претпријатија кон комитентите во периодот кога не обавуваат дејност и дали постои законска можност да не се пресметува казнена камата за извршените плаќања на сметки после утврдениот законски рок во периодот додека траат мерките и препораките на владата. Ова се дел од заклучоците донесени на денешната седница на советот што се одржа во редуциран состав.
Советот на Општина Охрид ги задолжи Секторите за урбанизам и управување со градежно земјиште и за даноци и комуални такси, да ја испитаат законската регулатива за ослободување на правните и физички лица од надомест за краткотраен закуп и комунална такса за периодот додека не обавуваат дејност. Се задолжува и правната служба исто така да ја испита законската можност за времено запирање на присилната наплата и извршните побарувања, камата и пеналии кон правните и физички лица, во периодот додека траат мерките и препораките за заштита од Корона вирусот.
На денешната седница советниците едногласно ја прифатија одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации, како и за времен прекин на постапките за утврдување правен статус на бесправно изградените објекти. Важноста на одлуката е заклучно 1 октомври 2020 година.
На предлог на градоначалникот Константин Георгиески, беше прифатена одлуката за времено отстапување на три моторни возила од Општина Охрид за период од 90 дена, за потребите на СВР Охрид. Ова се должи на зголемениот обем на работа на СВР Охрид и потребата од дополнителни возила.
OhridNews












