Не би сакал го користам форумот на Охridnews за размена на мислења со г-ѓата Чакареска-затоа ова ќе биде последната моја реплика на оваа тема. Гледам дека погрешно ги толкуваме пишаните зборови. Исто така, гледам дека иако сме растеле во “слична“ средина, сепак “резултатите“ се различни. Ќе образложам што мислам со тоа.
Во врска со напишаните мислења-јас се сложувам со Вашето мислење дека нашите од дијаспората не треба да гласаат (ниту за референдумот ниту пак за изборите).

Тоа го мислев и кога јас бев “дел“ од таа дијаспора, а истото го мислам и сега. Тоа не го спомнав во првото мое писмо, но тогаш само сакав да се осврнам на фактот дека не треба да се делат “нашите“ од дијаспората на добри и лоши. На крајот од краиштата – тие се сепак, НАШИ. Прв аргумент за тоа е тоа што “едно расипано јаболко не ја
уништува цела кошница јаболка“! Во Вашиот случај г-ѓо Чакареска, имате две “расипани јаболка“ – двата чичковци на Вашиот сопруг. Вие го базирате Вашето мислење за сите “гастербајтери“ на основа на дејствијата на само неколку од нив (кои како што читам, много лошо постапиле спрема Вашата фамилија). Не разберете ме погрешно – Вие имате право на Ваше мислење(и да ги делите,нормално, на добри и лоши нашите од дијаспората)-и нема да ме погоди тоа и мене да ме ставите меѓу “лошите“ (и покрај тоа што веќе кажавте дека јас спаѓам во тие “добрите“). Доволно верувам јас во себеси (и во моите способности) да не ме повредуваат било какви категоризации
направени за мене. Но гледам дека овие категоризации Вие сте ги направиле заради Вашата не-можност на соживот со соседите Албанци(иако користевте друг збор за нив во емаил пораката со кој јас не се согласувам). И поради тоа што Вие не сте можеле да најдете начин како да живеете во соседска заедница со другите националности на оваа наша држава, Вие сега ги напаѓате Вашите роднини (кои сосема случајно, или намерно, се “гастербајтери“). А бидејќи “продавањето на татковиот имот“ на Албанци Ви пречи – што е тогаш со тие Македонци што ги продале нивните имоти, а не биле дел од дијаспората? Значи и тие Ви пречат?!? Значи, овде причината за Вашето прво писмо
(Колумна) не било тоа што сте биле против гласањето на дијаспората – туку само сте побарале форум (читај:изговор) да ги нападнете тие што Ве ставиле во сегашната “ситуација“ – каде мора да барате заеднички живот со соседите Албанци.

Вториот аргумент за “не-делењето на лоши и добри – туку дека се НАШИ“ е во тоа што било каде да ги однесеш, Македонците ќе бидат НАШИ Македонци. Само така ќе се изгради една заедничка гордост што нема да признава граници. Само така ќе се изгради едно единство кое ќе ги натера Македонците да се вратат назад (а не да се
чувствуваат отфрлени од своите). Имам една изрека по која се раководам: “Братот мој, колку и да ме навредил, наљутил, или повредил – пак е тој мојот брат.Јас после тоа и да го претепам, навредам, и да го фрлам од 5ти спрат – пак ќе е тој мојот брат“(знам дека ова ќе предизвика “бурни“ реакции, ама ако…) Истото го мислам и за сите
Македонци – какви се (лоши,добри), каде се (во Македонија, или во странство)-тие се Македонци. Наши се. И ако ние не научиме да ги цениме по тоа суштинското, нема ништо да значи тоа каде се тие географски. А во Вашиот слушај гледам дека причинителите за Вашата “мака“ само се погодиле да се гастербајтери. Тоа ме наведува на втората моја поента – дека иако сме растеле во слични средини, сепак различно сме “пораснале“. Тоа е и нормално – и треба да ги почитуваме разликите во сите нас. Но само едно нешто ќе Ви кажам – не морав јас да отидам во
САД за да пронајдам соживот со припадниците на другите националности во Македонија. Мојот најдобар другар (пред да заминам во САД) беше Македонски Муслиман. Можам да кажам дека и по враќањето мое овде тој остана мој надобар другар.

Никогаш не сум ги делел луѓето по националност или по други белези. Не сум ги ставам во исти кош заради тоа што некој друг од нивната национална припадност направил нешто лошо. Моите родители ме научиле на соживот со сите – тоа не ме научи Америка. Сигурно Ви се имаат случено некои лоши работи кои ги предизвикале припадници од друга националност. И не велам дека сте лоша личност заради тоа што не сте нашле заеднички јазик со соседите Албанци. Единствено мислам дека СИТЕ ние треба да се обидеме да најдеме заеднички дијалог со сите жители на оваа држава. Ова важи за сите. Јас не Ве напаѓам Вас – само (како што наведов во првото писмо) Вие имате шанса да ги обединете луѓето со Вашите колумни. Вие имате шанса да го наведете ДОБРОТО што не опкружува. Вие имате шанса да ги покажете тие примери на успешна соработка меѓу националностите. А не да бараме виновници за сето тоа што е негативно околу нас – виновници има доволно. Сите сме виновни. Сите сме виновни затоа што не пронаоѓаме начин како да го смениме теркот на тој “негативитет“. А Вие г-ѓа Чакареска, го имате на располагање форумот што Ви го пружил Ohridnews. Искористете го за позитивни работи.

Милан