Обвинетите убиството на српскиот турист Дејан Новаковиќ, што минатата година се случи во центарот на Охрид, нема да одговараат за кривично дело „свирепо убиство“, туку за учество во толпа која извршила насилство при што има смртен случај.

Преквалификацијата на обвинението беше соопштена на денешното рочиште што се одржа во Основниот суд во Прилеп, кој го презеде случајот по изземањето на охридскиот суд. За ова кривично дело максималната предвидена казна затвор е до 5 години.

Според новото обвинение покрај охриѓаните Митре Костоски, Илче Јоноски и српскиот државјанин Драган Ѓорѓевиќ кому му се суди во отсуство, за истото дело по став 1 се товари и четврто обвинетиот Ѓоко Наумоски, за што е предвидена поблага казна, информираат адвокатите на одбраната. Тие се делумно задоволни од преквалификацијата на обвинението, но сметаат дека е направен одреден компромис, затоа што според нив делото за кое се товарат осомничените според доказите треба да се квалификува како учество во тепачка со смртни последици, додека преквалификацијата на обвинението за четврто обвинетиот според нив не е издржана.

За убиството на српскиот турист првично беа осомничени 8 лица, а на седуммина им беше изречена мерка притвор. Четворица од нив по два и пол месеци поминати во Истражниот затвор во Шутка, поради недостиг на докази беа ослободени од притвор.

OhridNews