Голем број куќи кои се лоцирани на актрaктивни локации во стариот дел на Охрид се нудат на продажба по поволни цени на пазарот за недвижности. Од она што може да се види на огласите на интернет и на понудите од агенциите за недвижности, во населбите „Варош“ и „Месокастро“ во моментов може да се купи куќа со поглед на езеро и по цена од 60.000 до над 250.000 евра.
Според информациите кои што ги добивме на сајтовите за продажба на недвижности, на пример во моментов се продава куќа од 96 метри квадратни во населбата „Месокастро“ по цена од 69.000 евра. Реновирана куќа од 64 метри квадратни со поглед на плоштадот и езерото се нуди по цена од 60.000 евра, а по иста цена се нуди и стара куќа со маркица за градба во близина на Завод и музеј. Куќа од 146 метри квадратни на улицата „Свети Климентов Универитет“ се продава по цена од 75.000 евра, а куќа од 200 метри квадратни во близина на црквата „Света Софија“ се нуди по цена од 200.000 евра. Исто така се продаваат и голем број куќи кои се лоцирани во околината на Античкиот театар по цени од 100.000 до 250.000 евра.
Познавачите на пазарот за недвижности во Охрид велат дека цените на куќите во стариот дел на градот во моментов се многу пониски за разлика од претходните години.
-Пред неколку години цените на куќите во населбите на Калето беа на повисоко ниво, но поради опаднатиот интерес за купување, но и зголемената понуда, цените се значително намалени. Но сепак не може да се определи фиксна цена на станбениот квадрат во овој дел на градот, зошто цената на една куќа зависи од нејзината локација, староста на објектот, квадратурата, можноста на надградба, доградба и слично, велат охридските трговци со недвижности.
Тие објаснуваат дека најзаинтересирани за купување на куќи во стариот дел на градот се жители на Скопје, Тетово и Гостивар, но интерес покажувале и странски државјани.
Лица кои од неодамна станале сопственици на атрактивни куќи во Охрид велат дека во моментов на продажба се и голем број други куќи, кои не се понудени ниту во огласите, ниту во агенциите.
-Голем дел од граѓаните кои ги продаваат своите куќи не сакаат јавно да кажат и најчесто истите ги нудат сами или преку посредници од други градови. Бидејќи бев заинтересиран за купување, во изминатиот период разгледав многу куќи лоцирани на различни атрактивни локации и во стариот дел на Охрид и во чаршијата. Цените зависат од градбата и опременоста на куќите и секако од локацијата. Понудата беше навистина голема, но се семејството се определивме за куќа која има деловни простории и апартмани за сметување во центарот на градот, раскажува купувач кој сакаше да остане анонимен.
Освен во централното подрачје и во стариот дел на Охрид, во моментов на пазарот за недвижности се нудат и голем број на куќи лоцирани во населбите „Видобишта“, „Лескајца“, „Воска“, на улицата „Даме Груев“ и во „Горна Влашка Мала“.
Е.М