Пристапниот процес во ЕУ треба да се базира на принципи, а Северна Македонија има направено доволно реформи да го оправда одржувањето на првата Меѓувладина конференција. билатералниот спор со Бугарија треба да се решава надвор од пристапниот процес, изјави за Гласот на Америка Метју Палмер, заменик-помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, пренесува „Миа“.
Тој се надева дека ќе се постигне договор првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија да се одржи за време германското претседателство.
Северна Македонија има направено доволно за да се квалификува за Меѓувладината конференција, и мислам дека мнозинството членки на ЕУ се јасни во тоа. Ќе продолжиме да работиме со нашите европски партнери да се исполни тоа. Ќе направиме се`што можеме да го подготвиме теренот, и ќе продолжиме јавно да ја демонстрираме нашата силна поддршка за придвижување на Северна Македонија кон членството во ЕУ, рече Палмер.
На прашањето дали барањата на Бугарија ги одразуваат европските вредности, како и дали САД го осудуваат таквото однесување, Палмер рече:
Разбираме дека има одредени важни прашања кои се однесуваат на историјата, идентитетот и јазикот, кои треба да бидат решени меѓу Бугарија и Северна Македонија како соседи, сојузници и партнери. Во однос на процесот за пристапување во ЕУ, сакаме да видиме тој да продолжи напред, без да ги вклучува билатералните прашања. Би сакале да видиме билатералните прашања да се решаваат преку билатерални канали, изјави тој.

Според него, за да може да се одржи европската кредибилност во државата, ЕУ треба да покаже оти прогресот во реформите ќе се отслика со отворање на пристапниот процес.
Во овој момент, следен чекор за Северна Македонија е одржување на Меѓувладината конференција, и тоа е нешто што Северна Македонија јасно го заслужила преку реформи, вели Палмер.
Не сака да прогнозира каков ќе биде резултатот од состанокот следната недела, но, нагласи дека САД ќе останат партнери низ целиот тој процес со Северна Македонија и Албанија.
Останете посветени на реформите, демонстрирајте сериозност и цел, и продолжете да се движите напред, порача Палмер.
OhridNews












