По четири месечна пауза и титулата која во Лисабон ја освои Реал Мадрид, десетта во историјата на клубот, во вторник ќе стартува новата сезона во фудбалската Лига на шампиони. Македонскиот фудбал во елитното натпреварување ќе биде застапен преку двајца играчи, Горан Пандев и Агим Ибраими.

’Кралскиот клуб’, одбраната на титулата ќе ја започне на домашен терен, а противник ќе му биде швајцарскиот шампион Базел. Во вториот меч од оваа Б група, петкратниот европски првак Ливерпул ќе го пречека дебитантот Лудогорец.

Дерби натпреварот во вторник, во Дортмунд, ќе го одиграат Борусија и Арсенал, а интересен меч се очекува да биде и оној во Атина, каде на Олимпијакос ќе му гостува европскиот вицепрвак Атлетико Мадрид.

Второто дерби, во рамките на првото коло, ќе биде одиграно на Алијанц Арена во Минхен, каде Баерн ќе го пречека Манчестер Сити. Минатата сезона, во истата фаза од натпреварувањето, Сити победи во Минхен со 3-2.

Македонските репрезентативци во Лигата на шампиони, во првите натпревари со своите екипи ќе играат како домаќини: Галатасарај на Пандев ќе го пречека Андерлехт, додека Марибор на Ибраими за противник го има Спортинг од Лисабон.

Новата сезона во Лигата на шампиони ќе донесе и некои новитети. Сите учесници ќе мора да го исполнат правилото за финансискиот фер-плеј, жолтите и црвените картони ќе се ’бришат’ по завршувањето на четвртфиналната фаза, односно суспензиите нема да бидат применети во полуфиналето.

Покрај тоа од оваа сезона судиите ќе го употребуваат спрејот за одбележување на местата каде е направен прекршокот, како и оддалеченоста на ’живиот ѕид’.

Сите натпревари во првото коло ќе се играат во сандардниот термин 20:45 часот.

Вторник, 16.септември:

Група А:  Олимпијакос-Атлетико Мадрид, Јувентус-Малме

Група Б: Ливерпул-Лудогорец, Реал Мадрид-Базел

Група Ц: Монако-Баер Леверкузен, Бенфика-Зенит

Група Д: Галатасарај-Андерлехт, Борусија Дортмунд-Арсенал

Среда, 17.септември:

Група Е: Баерн Минхен-Манчестер Сити, Рома-ЦСКА Москва

Група Ф: Ајакс-ПСЖ, Барселона-АПОЕЛ

Група Г: Челзи-Шалке, Марибор-Спортинг Лисабон

Група Х: Атлетик Билбао-Шахтјор, Порто БАТЕ Борисов.

„Макфакс“