Подготвен сум да превземам дел од одговорноста за поразот – рече капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев по дебклот во Луксембург каде “црвено-жолтите“ загубија со 2-1.
Знам дека притисокот од јавноста ќе биде голем во наредните денови, но ние како професионалци сме навикнати на тоа бидејќи и поразите се дел од фудбалот иако место за оправдување има се помалку . Очекувам сите играчи да ги прифатат добронамерните критики и да превземат одговорност за овој срамен резултат и во иднина чесно да го испотиме дресот кој е привилегија и за кој сонуваат многу фудбалери во Македонија, во спротивно да им го отстапиме местото на помладите и поамбициозните – порача Пандев.
Пандев кој е најдобар стрелец во дресот со националниот грб, смета дека вината за поразот треба да се бара исклучително во фудбалерите 


Селекторот Тошак направи се во овие неколку дена да не мотивира, да ни ја наметна замислената тактика но од тоа ништо не профункционира на теренот. Мислам дека е време овојпат одговорноста да ја превземеме ние играчите.Треба да седнеме, да се погледнеме во очи и да разјасниме сите заедно што значи да се игра за националните бои. Селектори , за време на играњето на оваа генерација се сменија многу, ние сме истите, значи кај нас нешто не е во ред – истакна Пандев.


Пандев жали за поразот кој го претрпевме во финишот на мечот. – Иако игравме слабо сепак имавме доста шанси кои за жал не успеавме да ги реализираме. Срам ми е и жал пред се што си дозволивме вака наивен пораз во последните секунди од мечот. Желбата во финишот за победа беше преголема така што сите се најдовме пред голот на домаќинот но заборавивме на одбраната – смета Пандев.
М.П.