Денот на Охридското Езеро, 21 Јуни, го воспоставивме уште во 2000 година на состанок на Заедничкиот борд на Проектот за заштита на Охридското Езеро. Нашата цел беше преку еден таков ден и настан да ја кренеме свеста за заштита на бисерот но и да ги доближиме жителите од двете страни на границата во една културна ,социјална и еколошко-економска комуникација. Затоа организацијата беше доделена на локалните самоуправи. 11 години потоа мислам дека генерално успеавме во нашата приказна и дека јавноста е длабоко инволвирана во процесот на реакција и заштита и покрај тоа што последниве две-три години постои тренд за минимизирање на се што е направено, иако премногу нешта се направени, стои во дописот испратен до нашата редакција од страна на раководителот на Одделението за Охридското Езеро, при Министерството за животна средина, Дејан Паноски, а по повод 21 јуни- Денот на Охридското Езеро.

Заедничкиот македонско -албански Договор за заштита на езерото кој денес е основа за билатералната заштита, првата изработена заедничка Студија за состојбата на Охридското Езеро и неговиот слив , донесената Уредба за употреба на безфосфатни детергенти како спречување на еутрофикација , изградена рекреативна патека во Национален Парк  и осветлување на пештера , пошумен е горниот дел на Сатеска како битка против ерозијата , доделени канти за смет преку Комуналното претпријатие за употреба од страна на граѓаните , превземени превентивни мерки во загадување од земјоделието , вградена софистицирана опрема за Хидробиолошки Завод за мониторинг врз езерото  , доделена техничка опрема за локалната самоуправа Охрид и Струга , обезбедена неколкукратна помош  за порибување на Езерото, е само дел од досега превземените активности за заштита на езерото, наведува Паноски.


Искрено ,не верувам дека се она што сме го правеле и правиме некој може да го спречи, посебно затоа што јавноста и домашна и посебно меѓународна е веќе силно сензибилизирана и во овој процес за заштита и управување нема назад. Потребно е само да сме паметни и организирани на сите нивоа и тој процес да продолжи . Некаде успеваме , некаде оди потешко. Сеуште не успеваме да бидеме, како екологисти, посилни од моќните интереси пред се на урбанизацијата и економската напаст врз природните ресурси. Заштитата е вечен процес кој никогаш нема да има крај. Тоа ќе биде континуирана борба со многу интереси и предизвици. Ние сме само генерација што ги постави само темелите на таа грижа, вели Паноски.

OhridNews