Дримски Дијалог, кој деновиве се одржа во Тирана, донесе значајни насоки во однос на идната имплементација на главниот проект за интегрирано управување со Дримскиот Басен, вели Дејан Пановски од Управата за животна средина при МЖСПП, воедно и член на Кор Групата за Дримскиот процес. Во Тирана се одржаа третата средба на Кор групата за Дримскиот Дијалог составена од преставници од петте држави од Дримскиот Басен.

– „Од наша страна најмногу се задржавме на напредокот кој е направен во однос на  систематизацијата на самото министерство, каде што управувањето е насочено на ниво на речен басен и тоа е добро затоа што ги имплементира европските директиви во управувањето со водните басени“, вели Пановски.

Според него, од големо значење е тоа што на 18 април во Охрид, од страна на министрите од Југоисточна европа за животна средина, се очекува да биде искажана декларација која ќе значи подршка за понатамошната заедничка визија. – Тоа ќе ни ги отвори вратите и за конкретно работење во басенот, односно за превземање на мерки за заштита и мониторинг на водите и секако, превземање на пилот проекти и други ефективни мерки на терен“, потенцира Пановски.

Тој додава дека апликацијата за целокупниот 4 и пол милионски проект е поднесена во глобалниот еколошки фонд и има  голема веројатност да биде одобрена и со тоа да се затвори целата финансиска конструкција за басенот. – Тоа значи дека ќе се отвори доста работа, за сите кои што ќе сакаат да влазат во ваков проект за да се обезбеди квалитетно управување и заштита за целокупниот басен на Дрим, потенцира Пановски.

Дримскиот дијалог ќе биде една од темите на кои ќе се разговара на Регионалната министерска конференција за Интегрирано управување со речни сливови, која ќе се одржи на 18 април во Охрид.

ОhridNews