Во учебната 2014/2015 година во рамки на Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид ќе бидат отворени спортски паралелки по фудбал и ракомет. Според информациите од Министерството за образование и наука на Република Македонија овие паралелки се дел „Спортската академија“, кои освен во Охрид, за прв пат ќе бидат отворени и во неколку други градови.

-Целта на „Спортската академија“ е учениците, спортски таленти да се оспособат да постигнуваат врвни спортски резултати и да се подготвуваат од рана возраст да станат членови на националните спортски селекции. Учениците ќе бидат подложени на посебна, специјално за оваа намена, креирана програма за образование и тренинг. За работа со учениците ќе бидат ангажирани стручни тимови составени од тренер и негов заменик, физиотерапевт, како и меѓународни тренери, стои во писменото соопштение на Министерството за образование и наука.

Од училиштето „Ванчо Питошески“ велат дека располагаат со соодветните просторни услови за одвивање на наставната програма и се надеваат дека интересот на учениците ќе биде голем.

Кандидатите за упис во прва година, ќе бидат селектирани од стручна комисија. Селекцијата ќе се врши по региони низ цела територија на Република Македонија и ќе се одвива во три фази: Скаутирање од стручни лица; Селекција од стручен тим и Тестирање на психофизичките способности од страна на стручна комисија.

Првичната селекција на кандидати за спортските паралеки во фудбал, во Охрид ќе се спроведе во среда на 16-ти април 2014 година, на Стадион „Билјанини извори“ со почеток во 11 часот. За спортските паралелки по ракомет првичната селекција ќе биде извршена на 28-ми април 2014 година во ОУТУ „Ванчо Питошески“ од 15 до 18 часот.

Е.М