Членовите на општинските изборни комисии и избирачките одбори кои беа ангажирани во текот на последните предвремени парламентарни избори сеуште чекаат на исплата на паричниот надомест за нивниот ангажман.

Тие револтирано коментираат дека е апсурдно да се чека на исплатата на паричниот надомест повеќе од два месеци од завршувањето на изборниот процес, а при тоа никој да не ги информира што се случува со нивните пари. Нагласуваат дека и овој пат изостанало и објаснувањето според кој правилник и методологија е пресметан надоместокот за членовите на Општинските изборни комисии.

Од Државната изборна комисија со која контактираше OhridNews изјавуваат дека парите од нивна страна уште на 1- ви август биле испратени до министерството за финансии и дека не знаат зошто сеуште се доцни со исплатата.

Од Министерството за финансии пак категорични- од ДИК требаше да иницираат налози за исплата на паричните надоместоци, до денес тоа не е направено, велат од таму. При тоа, упатуваат за подетални информации да се обратиме до ДИК.

Предвремените парламентарни избории се одржаа на 5- ти јуни. Во општина Охрид во текот на изборниот процес беа ангажирани вкупно 730 членови на избирачките одбори и 9 членови во Општинската изборна комисија.

Т. К.