Охридските паркинзи останаа празни, откако во централното градско подрачје повторно се воведе наплата на паркинг. Иако во изминатите неколку месеци локалните власти најавија воведување зонско паркирање со пониски цени, сепак охриѓани мораат да издвојат 50 денари за еден час во строгиот центар на Охрид.
Граѓаните велат дека цената е доста висока, а како пример го земаат главниот град, каде цените се драстично пониски во строгиот центар.
„Овие цени не се прикладни на нашиот стандард. Зарем е нормално охриѓани да плаќаат по 50 денари од час во централното подрачје. Очигледно дека приказната од минатите години ќе ни се повтори.“ – вели револтиран охриѓанец.
Во декември минатата година, стариот состав на општинскиот совет усвои одлука за зонско и просторно паркирање со цени до 40 денари во централното градско подрачје, а секој нареден час од времето на користење на паркинг просторот ќе се наплаќа 10 денари помалку.
„Максималната цена за паркирање вон централното градско подрачје ќе биде 30 денари, а во централното градско подрачје максималната цена ќе биде 40 денари. Основната цел од наплаќањето за паркирање е да се создаде ред во одвивањето на сообраќајот и да се намалат конфликтите , а не да се земаат пари.“ – вети во декември минатата година, поранешниот градоначалник на Охрид, Александар Петрески.
Исто така, во јануари оваа година општина Охрид објави тендер за давање под краткотраен закуп за период од 5 години на паркинзите од втора и трета паркинг зона, најавувајќи поевтин паркинг за охриѓани.
„Најавија зонско паркирање, најавија пониски цени, предизборно ја укинаа наплатата, а сега ни ги вратија старите цени. Нека се замислат надлежните, до кога граѓаните ќе им веруваат. Градот припаѓа на самите охриѓани.“ – вели наш сограѓанин кој живее во строгиот охридски центар.
Од новата локална самоуправа, најавуваат дека ќе го оспорат договорот за давање на паркинзите под концесија во интерес на граѓаните.
„Договорот е акт со кој екстремно се кршат интересите на локалната самоуправа и на граѓаните на општина Охрид. Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект, за општина Охрид претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности, во една нетранспарентна постапка и истиот го оценуваме како акт со кој се нарушуваат интересите на општина Охрид и нејзините граѓани.“ – се вели во соопштението на локалната самоуправа.
На завчерашната конститутивна седница на Советот на општина Охрид, координаторот на советничката група на опозицискиот Сојуз за иднината и доктор по сообраќајни науки, Томислав Тунтев, зборувајќи во лично име, истакна дека парзкинзите се во надлежност на локалната самоуправа и Советот не можел ниту да донесе одлука, ниту да влијае во изборот по ова прашање.
„Се надевам дека таа работа, ако не е завршена, ќе се заврши на најдобар можен начин. Од една страна не е логично да нема наплата во центарот на градот, посебно што се наближува туристичката сезона, тоа го нема никаде во светот. Од друга страна, како експерт во сообраќај морам да напоменам дека безбедноста на учесниците во сообраќајот, односно пред се на пешаците, велосипедистите и другите загрозени категории секогаш мора да биде на прво место, пред желбата за профитирање.“ – изјави Тунтев.
Граѓаните се надеваат дека ќе се изнајде соодветно решение за паркингот и дека цената на паркингот ќе се прилагоди на платежната моќ како на охриѓани, така и на туристите.
О.Т.