Два пожари во изминатите три дена се евидентирани на падините на планината Галичица во строго заштитената зона на националниот парк. Со брза интервенција на службите на паркот и професионалната противпожарна единица од Охрид, пожарите биле изгаснати и не предизвикале поголеми последици.
Ова го запали алармот кај надлежните во националниот парк, кои во соработка со професионалната противпожарна единица денеска започнаа кампања која има за цел превентивно да влијае кај месното население и посетителите на паркот на опасноста од пожари во топлите месеци кои претстојат, дотолку повеќе што обилните врнежи придонесоа за раст на бујна вегетација.
-Апелираме до месното население кое живее во зоната на паркот да не ги пали стрништата, туку да изнајдат друг начин да ги уредат земјоделските површини, за да не дојде до опожарување на националниот парк. Истовремено потсетуваме дека казните за палење стрништа, плевел и друг растителен отпад изнесуваат од 6-8.000 евра за правни лица, односно од 1.500 до 3.000 евра за физичко лице, изјави Наумче Новески, одговорен за заштита од пожари во НП Галичица.
Тој посочи дека изминативе години се прават исклучителни напори за туристичка валоризација на националниот парк кој е дел од иницијативата за развој на Динарскиот венец и дека е потребно и одговорните и населението да ги штитат ретките природни вредности на Галичица, за да не се повтори 2007 година кога во пожар изгореа неколку илјади хектари планинска вегетација.
-Иако се’ уште е рано ние веќе ја ангажиравме ренџерската служба која започна со редовни патроли, а од јуни таа постојано ќе биде на терен со цел да се заштити националниот парк и навремено да се реагира при евентуални пожари, истакна Новески.
Командирот на Територијалната професионална противпожарна единица од Охрид, Спасе Прентоски, истакна дека најголем дел од пожарите евидентирани во првите три месеци од 2013 година се на отворен простор, што, како што рече, се должи на несоодветно палење на земјоделски отпад или депонии.
-Како служба технички и тактички сме подготвиме да одговориме на предизвиците. Би апелирал до населението доколку пали стрништа добро да го обезбеди теренот и да ја информира противпожарната служба за преземените дејствија, рече Прентоски.
Тој исто така, апелираше до граѓаните да не го злоупотребуваат бројот 193 за пријава на лажни пожари, со што се оневозможува навремена интервенција на единиците на места каде има вистински пожар.