Роберто Гарсија Парондо од следната сезона ќе биде нов тренер на Вардар како наследник Раул Гонзалес, објави клубот на својата интернет-страница.

Парондо доаѓа од женската екипа на Вардар, каде што е помошник-тренер и во следните две сезони ќе го предводи машкиот европскиот првак од клупата. Шпанецот исто така е и актуелен помошник во машката сениорска репрезентација на Македонија и беше дел од стручниот штаб на последното ЕП во Хрватска.

Претходно, тој помагаше и во подготовката на машката младинска репрезентација на настапот на СП во Алжир, каде што стигнавме до топ-8.

Во моментот заедно со Ирина Дибирова седат на клупата на женската екипа на Вардар и се единствен тим во Лигата на шампионите што е без пораз сезонава во елитното европско натпреварување.

Со назначувањето на Парондо за тренер продолжува низата од шпански стратези на клупата на „црвено-црните“.

„Вардар веќе го чувствувам како свој дом, тука сум речиси една сезона и условите што ни ги дава клубот ми даваат право да се надевам за успешна соработка. Сега сум целосно посветен кон обврските во женската екипа на Вардар и сакам со успех да ја завршиме сезоната пред да ја преземам машката екипа. И покрај ангажманот во женскиот тим, доста сум запознаен и со работата на машкиот тим и затоа очекувам бргу да се вклопат во таа приказна и исто така и екипата да ме прифати мене, но и мојот начин на работа. Високите резултати секогаш ќе бидат наш приоритет за клубот да остане онаму каде што е“, изјавил за клупскатасинтернет-страница 38-годишниот Парондо.

Тој е поранешен ракометар на Валјадолид, Адемар Леон, Сиудад Реал, а има настапувано и за Пик Сегед и Будакалаш, два тима од Унгарија. Со Адемар Леон го освои КПК во 2005, со Пик Сегед го освои ЕХФ-купот, а со Атлетико Мадрид го освои Супер глоуб во 2012 година.

За репрезентацијата на Шпанија настапуваше на Медитеранските игри во 2005 година (злато) и на СП во 2007 (7. место). Последен настап за репрезентацијата на големо натпреварување имаше на ЕП 2012 година во Србија, каде што Шпанците беа четвртопласирани.

„Макфакс“
OhridNews