Локалната самоуправа упорно пред советниците турка Детални урбанистички планови  кои во многу од деталите се спорни и целосно гледано деструктивни кон зачувувањето на старото градско јадро на Охрид , велат од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ.


–    Изградба на висококатници на паркингот Ривиера , проширувањето на комплексот на хотелот  Ривиера, високи градби во зелените појаси во строгиот центар , ширење на комплексот Летница , се само дел од елементите кои реално предизвикуваат продолжение на нарушувањето  на  срцето на Охрид, рече координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, Дејан Паноски,  на денес одржаната прес- конференција во врска со предложените нацрт планови за  опфатите Табана и Ривиера кои се на дневен ред на седницата на советот закажана за утре .

Според советниците од ВМРО- ДПМНЕ, овие факти  отвораат  сомнеж  дека локалната самоуправа  Охрид непочитувајќи ги мислењата дадени од  стручните инстутуции игра на картата на манипулација со граѓаните кои имаат интерес во локациите,  создавајќи им нереални очекувања за нивните барања. 

Советниците од ВМРО- ДПМНЕ со предлог- парцелите  кои со процесот на денационализација им се вратени  во сопственост  на сопствениците да  бидат откупени  од страна на локалната самоуправа според пазарната  цена на земјиштето  и потоа на тие површини локалната да  уреди  јавни површини од интерес на Охрид .

Од ВМРО- ДПМНЕ реагираат и за предложената точка на дневен ред на 44- та седница околу  утврдувањето на цената на услугите за одржување на гробиштата.


– ЈП Градски гробишта со дозвола на мнозинството во Советот буквално ги ограби граѓаните со давачка од 1.200 денари по гробно место за таканаречена гробарина  за 2011 година. Во сегашниот предлог предлагачите предвидуваат гробарината да изнесува  720 денари годишно  со што се отвора прашањето- каде заврши разликата во цената од 2011 наплатена од граѓаните  и каде се парите на граѓаните, особено знаејќи дека не добиваат никаков квалитет во услугата за која плаќаат. Ставот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ е јасен и непроменлив. Јавната давачка наречена гробарина не треба да биде повисока од 200 денари по гробно место годишно , рече советникот Јованка Дамоска- Секулоска . 

Од советничката група на ВМРО- ДПМНЕ се осврнаа и на предложеното задолжување на ЈП Нискоградба во висина од 6 милиони денари.

– Ова е едно од претпријатијата кое изгуби секаква доверба кај граѓаните заради користење на нивните средства за мобилни телефони и ручеци, доведувајќи едно ново претпријатие до состојба на штрајк , немање на плати и како најново до манипулирање со работниците и нивно селење од фирма до фирма .  Ние како советничка група немаме намера да дозволиме ЈП Нискоградба да земе кредит кој потоа ќе го плаќаат граѓаните на Охрид од свој џеб , ниту да дадеме легитимитет на убедливо најнеуспешното претпријатие формирано во Охрид и нивното поигрување со личните судбини на нашите сограѓани , рече Дамоска- Секулоска.  

OhridNews