Поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство Паско Кузман, кој е дел од осомничените во случајот Фаланга 2, исказ пред судот ќе даде на следното рочиште, закажано за 8-ми октомври. Кузман се товари за злоупотреба на службената положба бидејќи наводно нелегално издал согласност на две лица да вршат ископување на два археолошки локалитети, каде се трагало по големо количество на оружје и злато.

Вчера пред судот одбрана дадоа шестмина обвинети за трговија со артефакти. Сите ги негираа тврдењата во обвинението и велеа дека не се членови на злосторничко здружување и не се стекнале со никаква корист, пренесува „Макфакс“. 

Обвинителството на рочиштето  побара дел од обвинетите во случајот „Фаланга 2 “ да одговараат и за кражба на артефакти.

„Има барање на обвинителството за подигање на обвинителен акт без спроведување истрага за кривично дело тешка кражба од продолжен вид за две места на кои наводно се најдени меч, шлем и некаква плоча со натпис, но такви предмети не се одземени” изјави адвокатот дел од обвинетите, Звонко Давидовиќ.

Според одбраната на обвинетите, обвинителството го товари првоообвинетиот во случајот, раководителот во одделението за превенција на културното наследството при Управата за заштита на културното наследство, Илче Бојчевски, Али Касум, Зоран Тодоровски и уште едно лице кое не било во „Фаланга”, дека од локалитети во скопско и неготинско украле артефакти, копје, меч, шлем и плоча.

„Некако продолжува цела постапка со подигање нови обвиненија или проширувања со докази кои не постојат. Се тврди дека постојат артефакти, но ни еден до денеска не видовме. Најверојатно ќе се даде согласност за да се подигне обвинителен акт без истрага, а после од обвинителот ќе зависи дали ќе подигне ново обвинение или ќе го додаде кон предметот” изјави Давидовиќ.

OhridNews