Возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет  на Плаошник, каде  треба да се изградат 23 објекти чија вредност се проценува на околу 9 милиони евра, за дел од стручната јавност е мегаломански проект, кој ќе го задуши просторот каде сега се наоѓа Св. Климентовата црква и бројни археолошки остатоци од минатото.  Покрај едукативни содржини на Плаошник ќе има и музејски простор, библиотека, конференциска сала, институти, компјутерски центар, конаци и резиденцијален дел за црковните великодостојници.

– Мислам дека тој простор ќе се задуши со згради и сметам дека со Плаошник треба да се однесуваме малку помеко, пофлексибилно. Не мора сега се во овој век да направиме, може во идните векови на идните генерации да оставиме тие да размислуваат, но се да биде со мерка, одмерено. Таму не треба да се градат објекти со големи волумени, смета Александар   Смилевски- претседател  на Архитектонската академија при Асоцијацијата на архитекти на Македонија.


Особено жестоки противења на започнатиот проект на Плаошник можат да се чујат и од одредени архитекти од Охрид и нив едноставно ги жалам, затоа што толкуваат погрешни проекти, кои дури се испратени до УНЕСКО, вели Паско Кузман еден од идејните творци на оспоруваниот проект и директор на Управата за заштита на спомениците на културата. Според Кузман, изнесените забелешки од дел од стручната јавност не држат, бидејќи се темелат на други проекти кои учествувале на конкурсот за идејно решени за возобновување на Свети Клименотвиот универзитет на Плаошник на кој победи проектот на „Идеа плус“ и охридскиот Завод и Музеј, кој е сосема пинаков од тоа што и се сервира на јавноста. Тој посочува дека ниту една градба во комплексот не е повисока од 2 ката и оти содржините се внимателно осмислени од академици, архитекти, историчари на уметност и други стручни лица.


Паско Кузман

Во избраниот проект се предвидува изградба на  објекти кои што се целосно во склад со архитектурата на охридскиот регион и на охридската архиепископија, кои се во контекст на објектите од сакрален карактер од  11, 12, 13 и 14 век, па и староградската архитректура присутна денес во Охрид и сето тоа е во една симбиоза која нема да го наруши амбиентот. Што се однесува до забелешките за  висините, тоа исто така нема врска со изнесеното во јавноста, тие се слободни, просторот кон езерото е целосно отворен, на западниот дел објектите се П +2 – не се тоа високи згради и се подалеку од црквата, додека источниот дел каде што ќе се конаците и резиденцијата на Дебарско – кичевската епархија исто така се понастрана од црквата и немаат таква висина за да го задушат просторот, изјави за OhridNews, Паско Кузман.


Директорот на управата за заштита на културното наследство вели дека како и при секоја работа можни се одредени пропусти, но смета дека изградбата на комплексот на Плаошник  е од монументално значење не само за македонската туку и за целокупната словенска култура, и оти времето ќе покаже дека проектот е оправдан. Комплексот ќе се гради на темелите на древната Св. Климентова црква, а соодветно заштитени и презентирани ќе бидат сите археолошки остатоци на цивилизациите пронајдени при истражувачките работи на Плаошник. Тие во моментов рачно се обележуваат и подготвуваат, додека главните работи се ставени во мирување поради посебниот режим на сообраќај и одлуката на градскиот совет за забрана за градење во туристичката сезона, објаснува Кузман.

– Би требало да продолжат работите  по забраната на градот Охрид за употреба на механизација во летниот период. Тоа го почитуваме така е и правилно, иако гледам дека во градот тоа не се почитува доволно, на пример кај градскиот пазар се гради некоја зградетина, таму постојано фучат камиони, но тоа е дозволено, а на Плаошник не е и ние тоа го почитуваме.-додава Кузман.


Возобновувањето на Свети Климентовиот универзитет на Плаошник предвидено е да заврши до 2014 година.

Горан Момироски