Две од две  победи за македонската кошаркарска  репрезентација во двомечот со Катар, кој ни оддалеку не беше замена за “Трофејот  Македонија“ кој требаше да се игра во Охрид. Ниту во вториот натпревар  избраниците на Докузовски не им оставија простор на гостите да се разиграат, победувајќи со 79-61 . На натпреварите против азијците, прва виолина во црвено – жолтиот тим беше 210 цм високиот кавадарчанец Тодор Гечевски кој првиот меч го заврши со 17 а вториот со 18 поени.


Овие конторли со Катар не беа на  нивото на мечевите кои ги одигравме во Италија и Словенија. За нас ова беше добра можност да се вратиме во ритам.

Гечевски кој подоцна  се приклучи на репрезентацијата, смета  дека нашата група е тешка и  дека дополнителен проблем ќе бидат патувањата. – Репрезентациите во нашата група се квалитетни и ќе се одиграат серија натпревари во краток период. Поголем проблем за нас ќе преставуваат лошите врски на Скопје со останатите дестинации. Патувањата ќе траат долго ние сме навикнати на таков начин и се надевам на најдобро. Се надевам дека ке издржиме и ќе успееме да се квалификуваме на завршницата во Литванија – истакна Гечевски.


Солидна партија  имаше американецот Грин кој за 27 минути минати на паркетот уфрли 11 поени, имаше пет додавања и четири украдени топки. Ако полека се решава проблемот на позицијата еден, за Докузовски затворено е прашањето кај високите играчи кои ќе може да ротираат за време на мечевите.  Во рекетот ќе ги има Антиќ , Гечевски, Самарџиски како и повратникот во репрезентацијата Чековски.

Натпреварите против Катар не се мерило за нашата силина, натпреварите кои ги одигравме во Италија и Словенија покажаа дека добро сме подготвени и јас како и останатите се надевам на најдоброто, пласман на ЕП. Не го познавме украинскиот состав, но деновиве очекувам да ги гледаме нивните натпревари и да се запознаеме повеќе со нашиот противник. Пеколниот ритам , сметам дека нема да ни смета, бидејки имаме поголем фонд на играчи кои се подготвени да го понесеме товарот, со новото засилување нашата бековска линија ќе биде уште појака. – истакна Чековски.
М.Постоловски