
-Европското знаменце се чини никому не му е јасно зошто му беше прикачено вели Павловска Данева, кој е поранешна потпретседателка на СДСМ и пратеничка од редовите на оваа партија.
Незадоволство од донесувањето на Законот за јазици денеска изрази и Студентскиот парламент при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ кој побара Претседателот Иванов да стави вето. Ги повикуваат народните пратеници да носат закони во согласност со Уставот и додаваат дека владеењето на правото мора да биде главен епитет во работењето, а не, како што велат, шверцерски со знаменце на Европската Унија да се носат антиевропски закони кои ја нарушуваат меѓуетничката хармонија, го суспендираат Уставот и ги рушат основните белези на државата.
Воедно, од Студентскиот парламент на УКИМ истакнуваат дека ги споделуваат и поддржуваат ставовите и аргументите од отвореното писмо до пратениците што го упатија професорките Гордана Слијановска, Катица Ќулафкова и Симона Груевска-Маџовска.
„Овој закон нема врска со евроинтреграцијата на РМ, ниту значи хармонизација со правото на ЕУ. Овој закон не е приоритетен. Овој закон не е дел од Рамковниот договор, ниту е во неговиот дух. Овој закон не е конкретизација на амандманот 5 од Уставот на Република Македонија. Впрочем, правото на едниот завршува онаму каде што започнува правото на другиот. Законот за употреба на македонскиот јазик налага, меѓу другото, и негова заштита“, наведуваат од СПУКМ, пренесува „Макфакс“.
Понатаму, истакнуваат дека во член 2 од Законот за употреба на македонскиот јазик е утврдено дека: македонскиот јазик е духовно богатство од посебно културно и историско значење на Републиката и додаваат дека, според нив, Законот за јазиците не е соодветен начин за негување, чување и заштита на посебното културно и историско значење на Републиката.
„Овој закон е противуставен, директно ја нарушува унитарноста на Република Македонија, целосно го суспендира Законот за употреба на македонскиот јазик и најдиректно го урива статусот на македонскиот јазик како основа на меѓусебното разбирање“, велат од СПУКМ.
OhridNews











